македонија20 ноември 2023 Началникот на Генералштабот на Армијата во посета на Обединетото Кралство
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, од денеска до 24-ти ноември ќе престојува во работна посета на Вооружените сили (ВС) на Обединетото Кралство.
Како што информира ГШ на АРМ, во рамки на работната посета на Министерството за одбрана на Обединетото Кралство, генералот Ѓурчиновски ќе оствари средба со началникот на Главниот штаб на ВС, адмирал Сер Антони Радакин.
-Генералот Ѓурчиновски ќе оствари официјална средба и со Лорд Стјуарт Пич, маршал на британското воено воздухопловство, кој е специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан и поранешен претседавач на Воениот комитет на НАТО, се наведува во соопштението.
За време на престојот во Обединетото Кралство, генералот Ѓурчиновски, заедно со делегацијата на Армијата, ќе ги посети и одбранбената академија во Шривенам, како и авијациската база на кралското воздухопловство-Булмер каде ќе оствари средба со воените раководители.