31 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ќе го испитува постапувањето на полициските службеници во случаите на пријавено семејно насилство што го вршел Стојанче Јовановски врз неговата сопруга Ивана и нивната малолетна ќерка Катја.
Како што информираат од Обвинителството, предметот веќе е доставен до ОЈО ГОКК, а ќе го преземе обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања. Целта е да се утврди дали постои основ за кривична одговорност кај службените лица кои постапувале по претходните пријави.
„Известувањето за кое покажувате интерес е доставено до ОЈО ГОКК во текот на вчерашниот ден и истото ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, соопштија од институцијата.
Според досега обезбедените докази, насилството било континуирано и со текот на времето ескалирало. На 2 март, на повеќе локации во Скопје, обвинетиот физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа изгубила свест. Истиот ден ѝ упатил и сериозни закани по живот, предизвикувајќи кај неа страв и чувство на загрозеност.
Ивана во повеќе наврати го пријавувала насилството во полиција, а на судењето сведочеше и нејзината мајка, која ги потврдила настаните. Таа изјавила дека Стојанче ја тепал Ивана дури и додека таа држела дете во раце, додавајќи дека малолетната Катја била сведок на насилството.
„Катја кажуваше: ‘бабо, тато ја шутираше мама и ѝ викаше навредливи зборови’“, сведочеше мајката.
Покрај Внатрешната контрола во МВР, сега и Обвинителството ќе утврдува дали институциите соодветно постапувале по претходните пријави за семејно насилство и дали евентуални пропусти придонеле за трагичниот исход.
Крвав инцидент во Прилепскиот затвор: Осуденик нападнал цимер со остар предмет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

