Општина Кисела Вода поднесе прекршочна пријава против ЈП „Комунална хигиена“ Скопје
Скопје со недели изгледа како голема депонија и се дави во отпад, а ситуацијата се влошува со високите температури. Како што вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски, отпадот не се собира редовно, се шири неподнослива миризба во секоја општина, а Кисела Вода не е исклучок.
Ѓорѓиевски информираше дека е поднесена прекршочна пријава до ЈП „Комунална хигиена“ поради тоа што отпадот не се собира, се создаваат депонии и во услови на високи летни температури се доведува во прашање здравјето и безбедноста на граѓаните.
„Кај нас сликата се полни контејнери и страшна миризба. Ова е резултатот на несовесното работење на ЈП „Комунална хигиена“ и градоначалничката на Скопје кои се грижат за хигиената во главниот град. Досега неколку пати алармирав до градските институции, со дописи, телефонски, но очигледно нашите реакции како општина и оние на граѓаните на Кисела Вода не успеаја со проактивност од страна на ЈП „Комунална хигиена“, кое сите граѓани на Скопје го плаќаме“, вели Ѓорѓиевски.
Деновиве за ова реагираа и Општините Бутел и Чаир. Од Комунална хигиена тврдат дека сметот редовно се собира, но, отстранувањето на дивите депонии претставува финансиски трошок.