22 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека е поднесена кривична пријава против десет лица осомничени за поврзаност со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога, во рамки на истрагата за запленетите 40 тони канабис.
Во телевизиско гостување на ТВ 21, Тошковски посочи дека двајца од осомничените веќе се во краткотраен притвор од 48 часа. Истрагата ја води Министерството за внатрешни работи во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција и е поврзана со случајот на заплена на дрога во соседна Србија, за која постојат индиции дека потекнува од производствени капацитети за т.н. медицински канабис во државата.
Според министерот, кривичната пријава е резултат на обемна истрага и преземени активности во изминатиот период.
„Во оваа фаза од истрагата е поднесена кривична пријава за десет лица за кои имаме основано сомнение дека се директно или индиректно поврзани со нелегално производство и пуштање во промет на произведената дрога. Имаме и основани сомненија дека овие лица се поврзани со транспортот на марихуаната што беше запленета во Србија“, изјави Тошковски.
Во рамки на контролите спроведени во производствените капацитети низ земјата, одземени се околу 40 тони марихуана. Надлежната комисија утврдила дека дрогата не била третирана согласно законските прописи.
„Индициите што ги имавме за нелегално производство, третман и чување се покажаа како точни и затекнатата дрога, за која е утврдено дека не е третирана согласно закон, е одземена“, нагласи министерот.
Спроведените контроли покажале дека дел од компаниите работеле целосно законски и професионално, но кај други биле утврдени сериозни незаконитости, поради што марихуаната е одземена.
„Се поставува прашањето каде ќе завршеле тие 40 тони дрога доколку не ги одземевме“, рече Тошковски.
Досега биле извршени контроли во десетина правни лица. Кај три од нив било констатирано професионално работење согласно закон, неколку немале произведена дрога во моментот на контролата, а кај останатите биле утврдени неправилности.
Во однос на заплената во Србија, Тошковски посочи дека постојат докази кои упатуваат дека дрогата влегла од Македонија, а истрагата се води во тесна соработка со српските надлежни органи.
Тој го отвори и прашањето за начинот на кој толкава количина наркотична дрога влегла на територијата на Србија, имајќи го предвид системот на заеднички гранични контроли.
„Не е прашањето како излегла од Македонија, туку како влегла во Србија“, изјави министерот, појаснувајќи дека согласно системот со едно застанување, македонските полициски службеници го контролираат влезот во Македонија, додека српските органи се надлежни за влезот во Србија.
Паралелно со истрагата, Владата го задолжила Министерството за здравство и надлежната комисија, во соработка со МВР и други институции, да спроведат контроли во сите лиценцирани производствени капацитети за медицински канабис.
Тошковски најави дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел целосно утврдување на фактичката состојба и санкционирање на сите незаконитости кај правните лица што во минатото добиле лиценци за производство на марихуана за медицински цели.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

