28 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најави протестен марш кој ќе се одржи во сабота, 31 јануари 2026 година, со почеток во 12:00 часот. Маршот се организира како форма на граѓански притисок за, како што велат од иницијативата, поефикасна и посериозна институционална реакција во однос на правото на чист воздух во Скопје.
Протестниот марш ќе започне пред зградата на Владата, ќе продолжи кон Собранието на Република Северна Македонија, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Од „Стоп за Усје“ посочуваат дека токму овие институции имаат клучна одговорност за заштитата на јавното здравје и животната средина.
Од иницијативата ги повикуваат граѓаните масовно да се приклучат на маршот, нагласувајќи дека досега испратиле повеќе барања и дописи до надлежните институции, но, според нив, не добиле конкретни одговори. Поради тоа, како што истакнуваат, своите барања повторно ќе ги искажат „на улица“, со јасна порака дека ниту еден економски профит не смее да биде поважен од здравјето и животот на граѓаните.
Во најавата за протестот, „Стоп за Усје“ уште еднаш нагласува дека маршот е исклучиво граѓански и дека нема да се дозволи партиска промоција или користење партиски симболи. Истовремено, упатуваат апел протестот да помине мирно, без насилство и без говор на омраза.
Иницијативата потенцира дека нема да се повлече сè додека, како што тврдат, јавноста е уверувана со податоци од мерења „кои ги прави самата фабрика“, наместо со независни и транспарентни институционални анализи. Според нив, борбата за чист воздух е борба за основното право на здрав и безбеден живот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

