26 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Во најновото издание на шорткастот „Интеркултура“ на Институтот за медиуми и анализи – ИМА, политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани изнесе сериозни размислувања за интеретничките односи, евроинтеграциите и институционалниот колапс во Македонија. Во разговор со Роберт Алаѓозовски, Рамадани посочи неколку чувствителни, но клучни точки во македонското општество.
Рамадани ги нарече интеретничките односи во земјата „релативно мирни и стабилни“, но истовремено предупреди на трендот на „запоседнување на политичката нација само од еден етникум – Македонците“. Тој изрази загриженост за системското исклучување на Албанците од правото на патриотизам и репрезентација на државата.
Како пример го наведе случајот со млад албански играорец во традиционална носија, кој настапувајќи на меѓународен фолклорен натпревар бил мета на осуди на социјалните мрежи само поради тоа што ја претставувал Македонија „таков каков што е“ – како Албанец.
„Кога Албанците сакаат да се претстават како граѓани на Македонија, наидуваат на отпор и сомнеж, што е апсурдно во едно мултиетничко општество“, изјави Рамадани.
Рамадани ја критикуваше власта за начинот на кој го води процесот на евроинтеграција, особено околу уставните измени поврзани со вметнувањето на Бугарите во Преамбулата. Тој оцени дека обидот да се прикаже спорот како билатерален со Бугарија е „анти-историски“ и погрешен.
„Ова не е повеќе само македонско-бугарски спор. Станува збор за европски процес со француско-германски механизам. Ваквиот моментум е привремен – ако не се искористи, историјата ќе нѐ заобиколи“, рече Рамадани, алудирајќи на сериозноста на моментот.
Во емоционалниот дел од разговорот, Рамадани се осврна на трагедијата во Кочани и пожарот во кој загинаа членови на популарната група ДНК. Тој ја спореди Кочани со Газа, метафора со која го изрази чувството на напуштеност и игнорирање од страна на државата.
„Кочани е нашата Газа. Како што Арапите ја заборавија Газа, така и ние, граѓаните на Македонија, ги оставивме Кочанчани сами во својата тага“, изјави тој, алудирајќи на слабата реакција на институциите и културните тела во државата.
Рамадани посочи дека пропуштена е можноста преку оваа трагедија да се отвори разговор за сериозни реформи во културната инфраструктура, безбедносните стандарди и грижата за домашните уметници.
Рамадани во „Интеркултура“ говореше без задршка за нееднаквостите и пропустите во македонското општество – од етничките прашања, преку евроинтеграциите, до општествениот однос кон трагедии како онаа во Кочани. Неговите коментари се повик на будност и солидарност, а „Кочани е нашата Газа“ е повеќе од изјава – тоа е предупредување.
Целосниот разговор можете да го погледнете и слушнете на видео шорткастот „Интеркултура“ на ИМА.
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација