02 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Седумнаесет млади луѓе со различно потекло и интереси се дел од новоформираниот Младински советодавен одбор при Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија. Во наредните две години тие ќе ѝ помогнат на Делегацијата појасно да ги вклучи ставовите, стремежите и загриженостите на младите во своите активности. Истовремено, младите советници ќе имаат можност да ги надградат своите вештини преку обуки и настани, подобро да ја запознаат Европската унија и да се поврзат со врсници од целата земја, од Западен Балкан и пошироко.
Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија е меѓу првите во регионот што формира ваков одбор. Овој чекор е дел од поширока иницијатива што произлегува од стратешките документи на ЕУ за младите, кои нагласуваат дека гласот на генерациите што ќе ја обликуваат иднината на Европа и светот треба да се слуша јасно и гласно – уште денес.
Одборот беше официјално конституиран на 30 јануари 2026 година, неколку месеци откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, формираше сопствен Младински советодавен одбор на ниво на Комисијата.
Целта не е да се создаде формално консултативно тело, туку динамична платформа за дијалог меѓу Делегацијата на ЕУ и младите во Северна Македонија. Намерата е да се обезбеди европските активности во земјата навистина да придонесуваат за младите – да им помогнат да го развијат својот потенцијал и да го искористат за успех во своите заедници.
Преку работилници, консултативни настани и квартални состаноци, Младинскиот советодавен одбор ќе дава мислења за активностите на ЕУ, особено оние поврзани со Планот за раст за Западен Балкан, планирањето и спроведувањето на претпристапната помош (ИПА), како и за процесот на европска интеграција на земјата, вклучително и годишниот извештај на Европската комисија.
„Нашите очекувања се високи бидејќи веруваме во огромниот потенцијал што го носи секој од вас. Ве охрабруваме да ги споделите вашите очекувања, размислувања и храбро да предлагате нови идеи. Заедно ќе се погрижиме европските иницијативи да останат значајни и корисни за вас, младите во Северна Македонија. И заедно ќе направиме вистинско влијание“, изјави амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, на конститутивната седница на Одборот.
Младите сочинуваат речиси 21% од населението во земјата. Последните податоци покажуваат дека дури 80% од младите на возраст од 18 до 24 години го поддржуваат членството во Европската унија – значителен пораст во однос на 60% во 2024 година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

