12 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Саше Ивановски, познат како Саше Политико, во гостување во подкастот Почетна пресметка изнесе остри критики за економските политики и деловната клима во државата, оценувајќи дека честите и ненадејни законски измени создаваат несигурност кај бизнис-заедницата и имаат директни последици врз работниците.
Во разговорот, Ивановски оцени дека во јавниот наратив бизнисмените често се прикажуваат како сомнителни или како „лопови“, наместо како носители на економскиот развој. Според него, ваквиот пристап создава атмосфера на недоверба и притисок врз приватниот сектор.
Тој посочи дека законите и фискалните правила се менуваат „преку ноќ“, без доволна предвидливост, што го отежнува долгорочното планирање на инвестиции.
Како пример ја наведе одлуката на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) за воведување солидарен данок. Според Ивановски, мерката резултирала со наметнување милионски обврски кон одредени компании.
Тој тврдеше дека дел од тие средства биле веќе планирани за проширување на производството, отворање нови фабрики и инвестирање во нови линии, но поради ненадејната даночна интервенција, тие планови биле доведени во прашање. Дополнително, посочи дека сега се носат одлуки за враќање на дел од средствата, што, според него, ја покажува непромисленоста на првичната мерка.
Ивановски нагласи дека слабата деловна клима не завршува само како проблем на компаниите, туку има пошироки социјални последици.
„Кога не сме добри за бизнисот, на крајот знаеш кој го плаќа стапот – работниците“, истакна тој во подкастот.
Според него, намалените инвестиции, неизвесноста и дополнителните фискални товари се одразуваат врз вработувањата и платите, што дополнително го поттикнува иселувањето.
Во продолжение, Ивановски се осврна и на демографската состојба, посочувајќи дека голем број луѓе ја напуштаат државата и дека наталитетот е во пад.
„Нема луѓе, си отидоа луѓето, и баш никој не прави деца“, рече тој, потенцирајќи дека економската несигурност е еден од клучните фактори зад ваквите трендови.
Со овие ставови, Саше Политико испрати порака дека економските политики, деловната клима и социјалната стабилност се тесно поврзани, а долгорочните последици од непромислени одлуки може да се почувствуваат многу пошироко од рамките на бизнис-заедницата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

