17 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Последното поскапување на енергенсите повторно ја става економијата под сериозен притисок, со директни последици врз животниот стандард на граѓаните. Зголемувањето на цените на бензинот и дизелот не се чувствува само во енергетскиот сектор, туку се прелева во сите сегменти од секојдневието – транспортот, трговијата, производството и услугите.
Сè поголем број граѓани се принудени да ја ограничат употребата на своите возила и да бараат поевтини алтернативи за превоз. Истовремено, повисоките трошоци за гориво се рефлектираат и врз цените на основните производи и услуги, што дополнително го засилува инфлаторниот притисок.
Економскиот експерт Здражвко Савески во изјава за „Локално“ оценува дека потребата од интервенција на државата е неспорна, но ја отвора дилемата за ефективноста и трајноста на тие мерки.
„Секако дека има простор за мерки – намалување на ДДВ, акцизите или активирање на државните резерви на нафта. Но, треба да се има предвид дека дериватите кај нас се поевтини отколку во соседството, што може да предизвика недостиг на бензинските пумпи. Затоа, државата треба да размисли за ограничување на точење гориво за возила со странски таблички. Во спротивно, може да дојдеме до ситуација на недостиг и принудно користење на резервите“, посочува Савески.
Сепак, според него, овие мерки можат да имаат само краткорочен ефект и не се решение за подолг временски период.
„Ако глобалната состојба не се промени, домашните мерки нема да бидат доволни. Цената на нафтата се формира на светските пазари, и ако таму расте, ќе расте и кај нас. Ние веќе имаме регулирани цени, а соседните земји почнуваат да го следат тој модел. Дел од одговорноста лежи и во пасивноста на државата во однос на геополитичките случувања и напорите за нивно надминување“, додава тој.
Савески предупредува дека трендот на раст на цените најверојатно ќе продолжи, што ќе има директно влијание врз инфлацијата.
„Со извесно задоцнување, поскапувањето на горивата се прелева и врз останатите производи. Можно е повторување на инфлаторниот шок од 2022 година. Ако конфликтите на глобално ниво продолжат, економските последици може да бидат пошироки и слични на оние за време на пандемијата“, заклучува Савески.
Во вакви услови, економската политика ќе треба внимателно да балансира помеѓу краткорочните олеснувања за граѓаните и долгорочната стабилност, додека главниот фактор – глобалната цена на енергенсите – останува надвор од директна контрола на државата.
Маслото достигна 100 денари – граѓаните алармираат за поскапувања во маркетите
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

