29 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Две недели нема клучни лекови на Онкологија, а власта дава милиони за сомнителни тендери – вели Младеновска
Скопје – Пациентите на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија веќе две недели се соочуваат со сериозен недостиг на клучни терапии, обвини денеска членката на извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, на прес-конференција пред партиското седиште.
Според неа, пациентите кои се борат со малигни заболувања се оставени без неопходните лекови „фезго“, „палбоциклиб“ и „рибоциклиб“, што создава неизвесност, страв и сериозен ризик по нивното здравје.
„Неизвесност, страв и агонија за луѓето кои секој ден се борат за својот живот. Тоа е денеска реалноста со криминалната власт на ВМРО-ОКГ. Граѓаните, болните, се оставени на милост и немилост. Владата нема пари за лекови, има пари само за криминални тендери“, изјави Младеновска.
Таа ја оцени состојбата како нечовечка и недозволива, нагласувајќи дека станува збор за основни терапии без кои пациентите не можат да го продолжат третманот.
Во исто време, Младеновска обвини дека владата склучува сомнителни договори и доделува милионски тендери на фирми со минимален број вработени. Како што посочи, една компанија добила 161 тендер, друга 51, а договор вреден 9 милиони евра бил доделен на фирма со само двајца вработени. Дополнително, таа спомена и тендер од 1,2 милиони евра во Пошта за фирма која, според неа, е блиска до коалицискиот партнер ЗНАМ.
„Дали здравјето на пациентите е условено од тоа кога ќе се распише нов тендер за набавка на лекови? Ова е нечовечко. Ова е недозволиво. Здравството е во тотален хаос, проблеми има насекаде. Владата ги напаѓа и ги омаловажува докторите, одбива да им ги покачи платите, а не може да обезбеди ниту основна терапија со лекови“, истакна таа.
Од опозицијата директна одговорност лоцираат и кај директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, наведувајќи дека недостигот на терапии станал зачестен проблем во периодот на неговото раководење и откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
Младеновска предупреди дека секој изгубен ден без терапија може да има сериозни последици по здравјето на пациентите и побара итна истрага за причините за недостигот на лекови, како и утврдување одговорност кај сите надлежни институции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

