27 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, државната власт се доживува како приватен бизнис, а не како јавна одговорност кон граѓаните.
Повод за реакцијата на СДСМ се информациите за луксузните часовници кои, според партијата, ги носи премиерот Мицкоски, а чија вредност, како што тврдат, изнесува колку 150 минимални плати. Од СДСМ посочуваат дека за еден македонски работник би биле потребни дури дванаесет години работа за да се заработи сума еднаква на вредноста на тие часовници.
„За ВМРО, Македонија е приватен бизнис. Така ја сфаќаат државата – исто како и во времето кога Мицкоски беше директор во ЕЛЕМ и советник на Никола Груевски, кога, според нив, сè било приватна работа“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата обвинуваат дека ваквиот пристап кон владеењето продолжува и денес, наведувајќи примери за, како што велат, сомнителна распределба на јавни средства преку тендери. Според нивните тврдења, семејна фирма на близок соработник на Мицкоски добила 161 тендер, додека 51 тендер завршиле кај фирма која била фаворизирана од општините. Дополнително, СДСМ тврди дека околу 9 милиони евра завршиле кај фирма со само двајца вработени.
„Сè е приватно и ортачко работење на тендер-коалицијата ВМРО–ЗНАМ“, велат од СДСМ, додавајќи дека ваквата политика значи дека нема да има зголемување на платите за работниците.
Според СДСМ, парите во државата не се насочуваат кон подобрување на животниот стандард, туку кон тендери и привилегии за блиски фирми. „Нема пари за повисоки плати за работниците, но има пари за тендери“, порачуваат од партијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

