14 мај 2025
• од Вардарски
Секое трето дете во Македонија живее под националниот праг на сиромаштија, а околу 20.000 деца немаат пристап до ефективна здравствена заштита – предупредуваат најновите податоци на УНИЦЕФ. Овие загрижувачки бројки откриваат системска криза која најсилно удира врз најмладите и најранливите.
Според извештајот, помалку од 37% од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат предучилишно образование, што значително ги ограничува нивните можности за правилен развој и подготвеност за понатамошно школување. Особено загрижува фактот што половина од децата со попреченост не го продолжуваат своето образование во средно училиште, што укажува на недоволна инклузивност и поддршка во образовниот систем.
Од УНИЦЕФ апелираат државата итно да ја воведе Европската детска гаранција – механизам на Европската унија кој обезбедува подобар и порамноправен пристап до основни социјални услуги за децата од најранливите категории. Овој инструмент би можел да послужи како алатка за структурни промени и системска поддршка на децата во сиромаштија.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, признава дека децата кои живеат во сиромаштија се соочуваат со бројни бариери, главно поради неприлагоденоста на системот кон нивните реални потреби. Тој најавува усвојување на Национален акциски план за правата на децата и проширување на капацитетите за предучилишно образование. Но, досегашните резултати укажуваат дека итно се потребни конкретни и опипливи мерки.
Дополнителна загриженост предизвикуваат и податоците на СОС Детско село, според кои над 8.000 деца живеат во ризични услови – без еден или двајца родители, со невработени старатели или со минимална државна поддршка. Националната директорка Јулијана Гапо апелира дека е неопходно зголемување на бројот на згрижувачки семејства.
„Може ќе речете дека е доволно тоа што го правиме, но ако утре се отворат 100 нови згрижувачки семејства, тие ќе се наполнат за еден месец“, предупредува Гапо.
Во контекст на Меѓународниот ден на семејството, УНИЦЕФ спроведе истражување во 43 земји, според кое Холандија, Данска и Франција се рангирани како најдобри земји за менталната благосостојба на децата. На спротивниот крај од спектарот се наоѓаат Мексико, Турција и Чиле.
Македонија не е вклучена во оваа споредба, но домашните податоци говорат сами за себе: децата во нашата земја се жртви на системски недостатоци, недоволна поддршка и социјална нееднаквост.
Овие податоци се повик на будност за институциите, но и за целото општество. Детството не смее да биде луксуз, а заштитата на правата и благосостојбата на децата мора да биде приоритет, а не статистика во извештај.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

