29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Со потресни сведочења на мајки кои ги загубија своите деца, денеска во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија во која на 16 март животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Со солзи, длабоки воздишки и лелеци, семејствата на загинатите ги слушаа исказите исполнети со болка и тага. Мајките, со скршен глас, порачаа дека по таа ноќ животот неповратно им се променил и дека не бараат сожалување, туку признавање на вината и одговорност.
„Не барам сожалување, барам да ја признаете вината. Нашите деца не починаа од природна смрт. Тие беа убиени и задушени. Болката што ја носиме секој ден е тешка, а нашите деца никогаш нема да се вратат дома“, изјави низ солзи една од мајките.
Мајката на 16-годишната Драгана, која го загуби животот во пожарот, пред Судот сведочеше дека не дошла затоа што е силна, туку затоа што ѝ ветила на својата ќерка дека ќе ја каже вистината за сè што видела таа вечер. Таа раскажа дека лично ја однела ќерка си до дискотеката, каде отишла на концерт на групата „ДНК“, чија музика ја сакала.
На истиот концерт бил и нејзиниот малолетен син, заедно со другари на возраст од 13 и 14 години. Според сведочењето, полицијата при рација ги избркала малолетниците, но подоцна, околу 2 часот по полноќ, момчето ѝ се јавило загрижено поради големата гужва. Родителите веднаш се упатиле кон дискотеката, каде веќе гледале деца како бараат помош.
„Сега сите велат дека помагале. Да беше така, немаше да има ниту една жртва. Помагаа само оние што денес веќе не се живи. Немаше простор да влезеш и да излезеш жив. Моето дете никаде го немаше“, рече мајката.
Сведочеше и Габриела, мајка на починатата Надица, која раскажа дека иако нејзината ќерка не требало да излегува таа вечер, ја молела да оди за да ја види својата симпатија. Таа посочи дека „Пулс“ била единствената дискотека што работела во зимскиот период во Кочани и дека таму со години излегувале голем број граѓани, меѓу кои и инспектори, полицајци и локални функционери.
„Сè додека не се случи трагедијата, никој не се сомневаше дека дискотеката работи нелегално. Кога гледаш дека таму одат сите – од обични граѓани до градоначалници – веруваш дека е безбедно“, изјави сведокот.
Таа во исказот наведе дека третообвинетиот Михајло, во нејзино присуство, разговарал со инспекторка за можни контроли, што тој подоцна го негираше пред Судот. Овие тврдења, како и прашањата од дел од адвокатите на обвинетите, предизвикаа бурни реакции од семејствата на загинатите, поради што Судот мораше да интервенира и да ги предупреди присутните.
Претходно сведочеше и мајката на 24-годишниот Андреј, кој загинал додека работел како помошен келнер во дискотеката таа кобна ноќ. Таа раскажа дека семејството некогаш живеело скромно, но нормално, а денес само преживува. Во пожарот го загубила постариот син, додека помладиот, Кристијан, сè уште се обвинува што не успеал да го спаси братот.
„Животот ми е поделен на пред и по 16 март. Секое утро се соочувам со празнината и загубата. Се прашувам зошто токму моето дете не можеше да се спаси“, рече таа низ солзи.
Судењето продолжува на 14 јануари, кога се повикани пет нови сведоци. На претходното рочиште започна доказната постапка со сведоци предложени од Обвинителството. Сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата, иако дел од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите.
Обвинителот Борче Јанев во воведното излагање истакна дека судењето не е само за утврдување индивидуална, туку и институционална одговорност. Според него, трагедијата во „Пулс“ не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“, во објект кој работел без минимално-технички услови, со над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, и без соодветна противпожарна заштита.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

