Таравари: Уставот мора да се промени и да се вметнат Бугарите како државотворен народ
Министерот за здравство и претседател на „Алијанса за Албанците“, Арбен Таравари, изрази оптимизам дека Република Северна Македонија ќе најде решение со Бугарија и ќе го надмине актуелниот застој во евроинтеграциите. Во интервју за бугарската агенција БГНЕС, тој истакна дека промената на Уставот е неопходна согласно Преговарачката рамка со Европската Унија.
„При сите околности, Уставот мора да се промени. Оптимист сум дека ќе се најде решение меѓу Скопје и Софија, за да го поминеме овој кризен период и да ги започнеме преговорите со ЕУ“, изјави Таравари.
Според него, премиерот Христијан Мицкоски има легитимно барање за гаранции дека нема да има нови услови од страна на Бугарија, но сепак, тој останува уверен дека со помош на гаранции од Брисел и Вашингтон, ќе се постигне договор.
Притисок од албанскиот електорат
На прашањето дали меѓу Албанците има загриженост поради тоа што Албанија напредува во преговорите со ЕУ, Таравари одговори потврдно.
„Секако дека има. Не само Албанците, туку и поголемиот дел од Македонците се за членство и брзо отпочнување на преговорите. Албанските граѓани чувствуваат притисок, бидејќи Албанија веќе ги започна кластерите и напредува“, рече тој.
Раздвојување од коалицијата ВЛЕН
Таравари ја појасни и одлуката на „Алијанса за Албанците“ да се одвои од коалицијата ВЛЕН за претстојните избори.
„Нема конфликт, туку несогласувања. Ние предложивме одвоени листи за советници, но заеднички кандидати за градоначалници. Останатите партии не го прифатија тоа, па решивме да настапиме самостојно на изборите“, објасни Таравари.
Тој додаде дека според анкетите, „Алијансата“ има поддршка колку и останатите три партии заедно, што било уште една причина за нивната самостојна изборна стратегија.
Политичка стабилност и прашања за учебниците
На прашањето за можни промени во владејачката коалиција, Таравари одговори дека не очекува сериозни поместувања и дека соработката со премиерот е стабилна.
Во однос на обвинувањата од ДУИ дека Албанците се изоставени од новите учебници по историја за седмо одделение, Таравари рече дека не поседува такви информации.
„Не верувам дека може да се случи такво нешто. Учебниците се преведени и на македонски и на албански, и има посебни лекции посветени на албанскиот народ“, истакна тој.