31 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Со сослушување на сведоци предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против тројца полициски службеници од Кочани, обвинети за начинот на кој постапувале при контроли поврзани со дискотеката „Пулс“.
На почетокот на рочиштето, обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни по обвинението, кое се однесува на нивното службено постапување во периодот пред трагичниот пожар што избувна на 16 март минатата година. Во несреќата животот го загубија 63 лица, додека над 200 беа повредени.
Судскиот процес го води судијката Лидија Петровска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Спасенка Андонова.
Прв сведок на денешното рочиште беше Ерхан Хаџимита, полициски службеник во ПС Кочани. Тој пред судот изјави дека во текот на 2023 година двапати учествувал во полициски контроли во дискотеката „Пулс“ – еднаш во април и еднаш во декември.
Според неговото сведочење, при една од контролите биле затекнати две малолетни лица во објектот. Тој ги одзел нивните лични карти и ги предал на одговорниот полициски службеник Горан Лазаров.
Сведокот посочи дека сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов Деки, не соработувал со полицијата.
„Рече ‘правете што сакате’, и одби да постапува по нашите барања. Поради тоа, излеговме надвор. Јас останав со малолетниците за да ги повикаат родителите, додека одговорниот изготви записник“, изјави Хаџимита.
Тој додаде дека и при претходната контрола во април 2023 година биле затекнати малолетници, а сопственикот повторно не покажал подготвеност за соработка.
Одговарајќи на прашања од обвинителството, сведокот потврди дека личните карти ги предал на одговорниот на смена, кој во моментот се наоѓал во билетарата заедно со сопственикот и неговиот син.
Иако било побарано да се приложи документација од страна на сопственикот, според сведокот, тој бил одбивен и не соработувал. Хаџимита истакна дека не го пополнувал записникот од контролата.
Судењето започна на 3 март годинава со читање на обвинителниот акт од страна на обвинителката Ивана Трајчева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на која во меѓувреме ѝ истече мандатот.
Според обвинението, тројцата полициски службеници не постапиле во согласност со пропишаните правила при вршење акциски контроли во угостителскиот објект „Пулс“. Во записниците, како што се наведува, биле внесени неточни податоци за правни и одговорни лица кои не биле активни во моментот на контролите.
Обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров се товарат дека во периодот од октомври 2023 до февруари 2024 година не ги извршиле своите службени должности во согласност со анекс-плановите за контрола, при што составувале записници со неточни податоци.
Третообвинетиот Александар Темелков, пак, се товари дека при одобрување на барањата за прекршочна постапка не ја проверил целокупната документација, иако бил должен да го стори тоа, туку ги потпишал и поднел до судот.
Според обвинителството, со ваквите постапки обвинетите овозможиле корист за правното лице „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани, односно за подружницата кабаре „Пулс“, како и за одговорното лице во објектот.
Судењето продолжува со изведување на нови докази и сослушување на дополнителни сведоци предложени од одбраната.
Крвав инцидент во Прилепскиот затвор: Осуденик нападнал цимер со остар предмет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

