27 февруари 2026
• од Гоце Кически
Во интервју за емисијата „360 степени“, известувачот на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија, Томас Вајц, порача дека уставните измени и заштитата на малцинствата се клучни предуслови за напредокот на земјата на европскиот пат.
Одговарајќи на прашањето колку се важни уставните измени и заштитата на малцинствата, Вајц нагласи дека уставните измени претставуваат формален услов за ефективно започнување на пристапните преговори со Европската Унија.
„Уставните измени се барање за да може ефективно да започнат пристапните преговори. Заштитата на малцинствата е европски принцип. Тој се однесува на сите заедници и е општ услов и за земјите кандидати и за земјите членки на Европската Унија“, истакна Вајц.
Тој најави дека ова прашање повторно ќе биде опфатено во неговиот извештај за напредокот на земјата. Според него, станува збор за неопходен чекор за конечно придвижување на долго одложуваните пристапни преговори. Вајц потсети дека Северна Македонија аплицирала за членство во ЕУ пред повеќе од дваесет години.
Во интервјуто, европратеникот истакна дека Европската Унија денес јасно ја реафирмира својата стратешка определба за проширување и интеграција на регионот. Според него, постои засилена политичка посветеност процесот на пристапување да се одвива кредибилно, предвидливо и во согласност со утврдените критериуми, што создава поволна основа за напредок на Северна Македонија.
„Сега постои реален прозорец на можности за целиот регион“, нагласи Вајц, додавајќи дека актуелниот момент треба да се искористи со конкретни чекори и резултати.
Тој ја оцени тековната година како клучна за спроведување на реформите, имајќи предвид дека нема закажани избори. Освен уставните измени, според Вајц, суштинско значење има и спроведувањето на Реформската агенда во рамки на Планот за раст.
Доколку реформите не бидат испорачани до јуни, предупреди тој, Северна Македонија ризикува да изгуби 47 милиони евра буџетска поддршка од Европската Унија. „Тоа би било за жалење, бидејќи финансиската помош од ЕУ е важна за регионот“, заклучи Вајц.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

