26 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како околу дваесет автомобили минуваат низ наплатната рампа кај Гостивар без да запрат и без да платат патарина. Снимката брзо стана вирална и предизвика лавина реакции од граѓаните, кои остро реагираа на настанот.
По бројните реакции во јавноста, од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) се огласија со соопштение во кое потврдуваат дека веднаш по објавата била направена внатрешна контрола.
„Првото возило во колоната платило патарина и за останатите зад него, но има случаи каде тоа не е направено,“ наведуваат од претпријатието.
Директорот на ЈПДП, според соопштението, веднаш издал налог за итна внатрешна проверка. Контролата покажала дека кај неколку возила навистина не била извршена наплата.
„По целосно расветлување на случајот, ќе бидат преземени мерки за утврдување на одговорност на вработените, а ќе следат и соодветни дисциплински постапки,“ истакнуваат од претпријатието.
Сепак, објаснувањата не ги смирија граѓаните. На социјалните мрежи се појавија бројни коментари со осуда и сомнежи во правичноста на системот, посочувајќи дека кога обичен возач не плати патарина, веднаш следи казна, додека во конкретниот случај сè уште нема информации за санкционирани лица.
Граѓаните бараат транспарентност и конкретна одговорност, оценувајќи дека вакви случаи сериозно го нарушуваат довербата во институциите и чувството на еднаквост пред законот
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација