18 февруари 2026
• од Гоце Кически
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски предизвика реакции откако објави дека добил „одлични вести од Брисел“ за проблемите на транспортните превозници. Но, анализата на „Вистиномер“ покажува дека ваквите тврдења не се поткрепени со официјалните позиции на Европската комисија.
Николоски на 29 јануари на Фејсбук соопшти:
„Само што добив ОДЛИЧНИ вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како ПРОФЕСИОНАЛЦИ. Тоа е тоа што го баравме.“
Тој додаде и дека „Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“.
Сепак, според анализата на „Вистиномер“, ваквата изјава „се покажа невистинита“. И покрај оптимистичните најави на министерот, од Европската комисија стигнала порака дека нема да има отстапки за превозниците од Западен Балкан.
Комисијата инсистира возачите да продолжат да го почитуваат правилото 90/180 дена и да се прилагодат на Системот за влез/излез (EES) во Шенген-зоната.
Од документот што самиот Николоски го објави, како што наведува „Вистиномер“, може да се забележи „внимателната интонација“ на Европската комисија, во која нема експлицитно ветување дека возачите ќе бидат изземени од режимот.
Транспортните компании од Западен Балкан на 26 јануари организираа блокади на повеќе гранични премини кон Шенген-зоната. Тие реагираат дека со новиот систем се третираат како туристи и можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Превозниците побараа:
Но, според регионалните информации што ги цитира „Вистиномер“, Европската комисија ги оценила овие предлози како „неприфатливи“ и несогласни со шенгенските правила.
По ваквиот развој, реагираа и опозициските партии. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, јавно праша дали Николоски „ќе понесе одговорност затоа што не ја зборел вистината“. Од ЛДП, пак, повикаа на „искрена посветеност и сериозен ангажман“ за решавање на проблемот.
Министерството за транспорт на 16 февруари ги демантираше информациите дека барањата се одбиени и апелираше „да не се потпаѓа на шпекулации“. Од таму тврдат дека дијалогот со Европската комисија продолжува и дека се работи на решение во рамки на новата визна стратегија.
Во соопштението се наведува:
„Министерството за транспорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение…“
Сепак, последните пораки од Брисел се прилично недвосмислени. Портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, изјави дека партнерите од Западен Балкан се охрабруваат „да ги користат постојните законски механизми“, како долгорочни визи и дозволи за престој.
Според „Вистиномер“, тоа значи дека Европската комисија не планира исклучоци од правилото 90/180 за возачите на камиони.
Факт-чек анализата оценува дека оптимизмот на Николоски не е поткрепен со официјалните позиции на Брисел. И покрај тврдењето дека „возачите се прифатени како професионалци“, засега важи постојниот шенгенски режим.
Како што сумира „Вистиномер“, „пораката од Брисел е прилично јасна“ — превозниците ќе мора да се прилагодат на правилото 90/180, а „одличните вести“ изгледа ги слушнал само министерот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

