македонија22 февруари 2024 Во четврток или петок ќе стигнат уште 100.000 обрасци за пасоши
МВР не потфрли во проценките колку пасоши се потребни затоа што нарачката беше околу два милиони, а во државата имаше 1,8 милиони важешки пасоши. И нема никаква саботажа во МВР, изјави вечерва за ТВ 21 дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев. Тој додаде дека во четврток или петок ќе стигнат уште 100.000 обрасци за пасоши.
Тој рече дека истрагата е побарана од новиот технички министер Панче Тошковски. „Можам да потврдам дека не се работи за никаква саботажа во МВР и ќе дадам конкретни примери зошто тоа не е така. На самиот ден на примопредавање на функцијата во МВР пристигнуваат 50.000 пасоши, минатата недела 20.000 пасоши. Во четврток или петок добиваме над 100.000 пасоши и наредната недела уште 120.000 пасоши. Тоа е огромна бројка обрасци. Имаме информација од компанијата ‘Веридос’ дека ќе биде испорачани голем број бросци во турнуси. Со тие обрасци кои стигнаа и оние кои што ќе дојдат ја задоволуваат потребата на МВР да излезе во пресрет на граѓаните и да им ги издаде документите кои им се потребни, до следната тура на обрасци од 300.000 што ќе дојде во јуни“, рече Бојмацалиев.
Според него, некои политички партии ги довеле граѓаните до заблуда бидејќи повикувале „Никогаш Северна“ и граѓаните ги довеле до заблуда да не ги сменат своите патни исправи. „Ова го велам затоа што имам факти и докази“, рече тој, наведувајќи статистички податоци.
„Во 2021, 2022, кога короната беше во врвот, ние имаме пик на најмногу побарување на граѓаните за лични документи. Тогаш во декември и јануари имавме просек од 40-50 илјади граѓани кои бараа смена на личните документи. Ако изминатиот период ја немаше таа реторика на одредени политички партии и политичари за дневно-политички поени, ние досега ќе ги сменевме сите пасоши и документи. Бидејќи, капацитетите на МВР покажуваат дека можат да услужат и 170.000 граѓани“ нагласи тој.
Бојмацалиев го спомена и наводниот фамозен допис од Комитетот за патни исправи на Европската унија за кој претходно денеска зборуваше техничкиот министер Панче Тошковски.
„Во дописот никаде не пишува стриктно дека може да се користат патните исправи. Таму пишува дека треба да се изнајде решение, а во моментот сите земји членки да одлучуваат самостојно. И има прашање до нас уште колку ни е потребно време за промена на сите патни документи. Се остава на секоја земја-членка да донесе своја одлука бидејќи Грција ги има известено а нашата држава ги нема известено дека патните исправи не се во важност.“, потенцираше Бојмацалиев.
Претходно денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека до Министерството за надворешни работи нема официјален допис од Европската унија дека ќе дозволуваат влез со пасоши кои го содржат старото државно име. Земјите- членки сами одлучуваат како ќе се однесуваат во однос на валидност на пасошите, изјави Османи. Тој соопшти дека досега само две земји имаат донесено официјален став, додека другите држави се поставуваат практично.
„Швајцарија достави официјална нота дека ќе дозволува влез со старото име, додека Босна и Херцеговина нема да ги признава личните карти и пасоши кои го содржат името ‘Република Македонија’“, изјави Османи.
Шефот на дипломатијата нагласи дека изјавата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски е погрешно интерпретирана, бидејќи нема официјална нота.