31 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Жителите на скопската населба Ново Лисиче најавуваат протести од 1 април доколку надлежните институции не одговорат на нивното барање за одложување на селективното воведување на зонско паркирање во Реонски центар.
Преку граѓанската група „Ново Лисиче“, тие информираат дека досега немаат добиено никаков одговор од Општина Аеродром и Град Скопје, и покрај тоа што официјално доставиле барање за паралелна имплементација на зоните во Ново Лисиче и Реонски центар.
Жителите потсетуваат дека во предизборниот период било ветено дека зонското паркирање ќе се воведува истовремено на двете локации, со цел да се избегне прелевање на проблемите од една во друга населба. Според нив, сегашната состојба го нарушува тој принцип и создава дополнителен притисок врз локалните жители.
„Досегашното одлагање и немање активности на терен во Ново Лисиче не е по вина на граѓаните, туку по вина на институциите“, велат тие, нагласувајќи дека не бараат трајно решение, туку привремено одложување додека не се воспостави систем што ќе важи подеднакво за сите.
Во барањето доставено до институциите, граѓаните укажуваат дека актуелниот модел создава нееднаквост меѓу жителите на истата општина. Како што посочуваат, дел од граѓаните имаат право на бесплатно паркирање на ниво на целата општина, додека други, иако живеат во непосредна близина, се обврзани да плаќаат за истата услуга.
Тие предупредуваат дека ваквата практика може да се смета за дискриминаторска и дека создава дополнителен финансиски товар за семејствата, особено во секојдневните активности како носење деца на училиште, одење на работа и извршување на основни обврски.
Доколку до крајот на денот не добијат одговор од надлежните, жителите најавуваат дека протестите ќе започнат веќе од 1 април. Дополнителни информации за локацијата и начинот на организирање ќе бидат објавени дополнително.
„Не бараме ништо повеќе од тоа што ни беше ветено – еднаквост и фер решение“, порачуваат жителите на Ново Лисиче.
Крвав инцидент во Прилепскиот затвор: Осуденик нападнал цимер со остар предмет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

