Бајден: Не е рационално Кина да преговара за исходот од војната во Украина
Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот во интервју за ABC News дека идејата Кина да преговара за исходот од војната во Украина не е рационална, откако Пекинг објави мировен план за конфликтот.
– (Рускиот претседател Владимир) Путин аплаудира, па како може тоа да биде добро?, изјави Бајден за ABC News на годишнината од војната во Украина.
- Не видов ништо во планот што би укажало дека има нешто што би било корисно за некому освен за Русија, доколку се следи кинескиот план, додаде тој.
– Идејата дека Кина ќе преговара за исходот од војната, што е целосно нефер за Украина, едноставно не е рационална, рече Бајден во интервјуто.
Кинескиот план ги повикува двете страни да се согласат на постепена деескалација и предупредува за употреба на нуклеарно оружје. Планот, наведен во документот на Министерството за надворешни работи, е повторување на линијата на Кина откако Русија ја започна, како што ја нарекува, својата „специјална воена операција“ на 24 февруари минатата година.
Бајден, исто така, ги повтори своите коментари дека засега нема да испраќа Ф-16 во Украина и рече дека на украинскиот претседател Володимир Зеленски во моментов не му се потребни борбени авиони.
– Сега не му требаат Ф-16, рече Бајден. Засега го отфрлам.
Во истото интервју, тој исто така рече дека постои можност кинескиот претседател Си Џинпинг да не знаел за осомничениот кинески шпионски балон што прелета над САД овој месец.