10 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Еден од најпрепознатливите македонски фудбалски клубови, прилепска Победа, официјално се повлече од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ). Клубот преку соопштение ја известил Фудбалската федерација на Македонија дека не е во можност да ја продолжи сезоната поради сериозни финансиски проблеми.
Состојбата во клубот подолг период е загрижувачка. Победа остана без тренер, а голем дел од фудбалерите веќе си пронајдоа нови ангажмани. Дополнителен показател за тешката ситуација е фактот што клубот воопшто не ги започна зимските подготовки, а најновата одлука на управата претставува кулминација на проблемите кои со месеци се наталожуваа.
Како една од главните причини за повлекувањето, од клубот ја посочија неисплатената финансиска обврска од Општина Прилеп во износ од еден милион денари, средства кои биле договорени пред почетокот на сезоната. Овие пари, според управата, биле клучни за нормално функционирање и продолжување на натпреварувањето.
Дополнителни компликации настанале по промената на сопствеништвото во април минатата година. Новиот сопственик не бил во можност активно да го води клубот, поради што како привремено решение во текот на летото биле назначени раководни лица. Сепак, откако најавената финансиска поддршка не била реализирана, управата донела одлука дека клубот нема капацитет да ја доигра сезоната.
Повлекувањето на Победа од ВМФЛ претставува тежок удар за прилепскиот фудбал и за македонската фудбалска сцена воопшто. Судбината на клубот останува неизвесна, а навивачите се надеваат дека во иднина ќе се најде решение со кое „прилепската гордост“ повторно ќе се врати на фудбалската мапа.
Филипче: СДСМ повторно го поднесува законот, 600 евра минимална плата сега
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

