Израелската војска напредува на југ во Газа
Тешки борби се водеа во јужниот дел на Појасот Газа во текот на ноќта. За ова утрово пишуваат израелските медиуми. Според информациите, израелската војска масовно нападнала цели на исламистичката организација Хамас и други терористички групи во јужниот дел на Појасот Газа.
„Тајмс оф Израел“ исто така објави, повикувајќи се на жители на Појасот Газа, дека израелската војска дистрибуирала летоци во градот Кан Јунис во кои ги повикува жителите да побегнат во Рафах на југ, бидејќи областа е опасна.
Според израелските медиуми, токму во областа Кан Јунис се наоѓал дел од раководството на Хамас.
Напади беа пријавени и во Рафа.
Борбите меѓу Израел и Хамас продолжија рано наутро во петокот по еднонеделниот прекин на огнот.
Според соопштението утрово, израелската војска не поставува крај на својата војна против Хамас. „Ние сме решени да се бориме со Хамас онолку долго колку што е потребно“, повтори портпаролот на израелската армија Џонатан Конрикус: „Немаме друг избор“. Конрикус ја повтори воената цел на неговата земја за целосно уништување на терористичката организација за таа повеќе да не претставува закана за Израел во иднина.