21 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Велика Британија во петокот ѝ даде дозвола на САД да користат воени бази на нејзина територија за изведување удари врз ирански ракетни објекти, кои се поврзуваат со напади врз бродови во Ормускиот теснец, пренесува „Ројтерс“.
Британската влада одржа состанок на високо ниво на кој министрите ја разгледале ескалацијата на конфликтот со Иран, како и блокадата на Ормускиот теснец. Според официјалното соопштение од Даунинг стрит, договорот им овозможува на САД да ги користат британските бази во рамки на колективна самоодбрана, со цел да се уништат ракетните капацитети што се користат за напади врз трговски и воени бродови.
Иран остро реагираше на оваа одлука. Министерот за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека британскиот премиер Кир Стармер „ги доведува во опасност британските граѓани“, дозволувајќи користење на базите за, како што рече, агресија против Иран. Тој нагласи дека Техеран ќе го искористи своето право на самоодбрана.
Иако претходно премиерот Стармер изјави дека Велика Британија нема да биде вовлечена во војна со Иран и првично одби барање од САД за користење на базите, неговата позиција се промени по неодамнешните напади на Иран врз сојузници на Лондон во Блискиот Исток. Како резултат на тоа, САД добија зелено светло за користење на базите RAF Fairford и Diego Garcia, која е заедничка британско-американска база во Индискиот Океан.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп јавно го критикуваше британскиот премиер, обвинувајќи го дека не дава доволна поддршка во конфликтот. Тој изјави дека е „разочаран од одредени земји“, посочувајќи ја токму Велика Британија, која, според него, некогаш била „Ролс-Ројс меѓу сојузниците“.
Од Даунинг стрит, сепак, порачаа дека приоритет останува дипломатско решение, повикувајќи на итна деескалација и брзо завршување на конфликтот.
Државниот врв со честитки за Фитр Бајрам: пораки за мир, солидарност и соживот
Филипче: Цените растат, а Мицкоски троши народни пари наместо да преземе мерки
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

