26 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Православните верници денес го чествуваат споменот на Свети Никифор Цариградски, значаен духовен водач и исповедник на верата, кој оставил длабока трага во историјата на Црквата.
Свети Никифор мудро и ревносно управувал со Светата Црква како цариградски патријарх, водејќи го народот низ едни од најтешките периоди за православието. Во времето кога византискиот цар Лав V Ерменин започнал силна борба против почитувањето на светите икони, Никифор храбро му се спротивставил. Најпрво го советувал царот да се откаже од иконоборството, но кога тоа не дало резултат, јавно го разобличил како противник на верата.
Поради својата непоколебливост, бил прогонет и испратен на островот Проконис. Таму, во манастирот што самиот го изградил во чест на свети Теодор, свети Никифор поминал 13 години во молитва, подвиг и духовна борба. Се упокоил во Господ во 827 година.
По падот на иконоборството и со доаѓањето на власт на царот Михаил III и неговата мајка Теодора, како и враќањето на патријархот Методиј I Цариградски, во 846 година моштите на свети Никифор биле свечено пренесени во Цариград. Најпрво биле положени во величествениот храм Света Софија, од каде што бил прогонет за време на животот, а потоа во црквата на светите апостоли.
Главниот празник на свети Никифор се одбележува на 2 јуни, додека на 13 март се слави откривањето и преносот на неговите нетлени мошти. Симболично, токму на овој датум тој бил прогонет од Цариград, а по деветнаесет години неговите свети мошти биле вратени во престолнината.
Свети Никифор останува пример за непоколеблива вера, духовна сила и храброст во одбрана на православието.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

