08 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денес Православната Црква ги празнува преподобните Ксенофонт и Марија, заедно со нивните синови Јован и Аркадиј – четири свети личности чиј живот е длабоко сведоштво за Божјата промисла, верата и духовната преобразба.
Ксенофонт и Марија биле угледни и богати жители на Цариград. И покрај материјалното изобилие, тие живееле богоугодно и со особена грижа ги воспитувале своите синови во христијански дух, вкоренувајќи во нив љубов кон Бога, молитвата и добродетелниот живот. Кога Јован и Аркадиј пораснале, родителите ги испратиле на студии во Вирит (денешен Бејрут), со надеж дека ќе се изградуваат и образовно и духовно.
Но, Божјата волја допуштила тешко искушение. Коработ со кој пловеле браќата бил зафатен од силна бура и потонал. По Божја промисла, двајцата биле спасени од морето, но исфрлени на различни места на брегот. Секој од нив, не знаејќи за судбината на другиот, помислил дека братот му се удавил. Тагата и болката од таа мисла ги одвеле и двајцата по патот на монаштвото, секој во различен манастир, каде што му го посветиле својот живот на Бога.
Во меѓувреме, нивните родители, скршени од болка поради загубата на синовите, по две години заминале на поклонение во Јерусалим, барајќи утеха и духовна сила на светите места. Таму, со помош на прозорлив духовник, најнапред се случила радосната средба на двајцата браќа – Јован и Аркадиј, а потоа и потресното повторно обединување на родителите со нивните живи, но веќе духовно преобразени синови.
Исполнети со длабока благодарност кон Бога за ова чудесно устројство, Ксенофонт и Марија го раздале целиот свој имот на сиромасите и и самите се замонашиле, целосно откажувајќи се од световниот живот. Така, целото семејство, кое некогаш било соединето по крв, сега било соединето и по дух, во целосна предаденост на Господ.
Трогателната историја на овие четири свети души јасно сведочи за тоа како Господ мудро раководи со судбините на оние што веруваат во Него. Тој допушта маки, разделби и жалости, но сè тоа го претвора во средство за подлабока вера и уште поголема духовна радост. Сите четворица живееле и се упокоиле во Господ во X век, оставајќи зад себе светол пример на доверба во Божјата волја.
Според црковното предание, се смета дека овој Јован е истиот оној што во историјата на Црквата е познат како Лествичник, еден од најголемите духовни учители на православното монаштво.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

