09 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска Православната црква го празнува споменот на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, првиот христијанин кој го положил својот живот за верата во Исус Христос.
Свети Стефан бил роднина на апостол Павле и Евреин по потекло, воспитан во елинските области. Тој беше прв од седумте ѓакони кои светите апостоли ги ракоположија и ги поставија да се грижат за сиромасите во Ерусалим. Поради таа првенствена служба, го доби и називот архиѓакон.
Исполнет со силна вера и благодатта на Светиот Дух, Стефан вршеше големи чуда меѓу народот. Неговата мудрост и духовна сила ги надминуваа оние што се обидуваа да се расправаат со него, па затоа неговите противници не можеа да му се спротивстават со аргументи. Посрамени од вистината, тие прибегнаа кон клевети и измами, обвинувајќи го дека хули на Бога и на Светиот пророк Мојсеј.
Со лажни сведоци, Стефан беше изведен пред народот. Тогаш сите забележаа дека неговото лице беше озарено, „како лице на ангел“, исполнето со божествена светлина. Во својот говор, тој ги потсети присутните на многуте добрини и чуда што Бог ги направил за израилскиот народ, но и на нивните постојани противења кон Божјата волја. Особено остро ги изобличи за убиството на Господ Исус Христос, нарекувајќи ги предавници и крвници.
Додека тие гневно шкрипеа со забите, Стефан го подигна погледот кон небото и ја виде Божјата слава. Со смиреност и вера им рече:
„Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како седи од десната страна на Бога“ (Дела 7).
Разбеснети од овие зборови, го изведоа надвор од градот и го убија со камења. Меѓу оние што учествуваа во мачеништвото бил и Савле – негов роднина, кој подоцна ќе стане големиот апостол Павле. Според преданието, мачеништвото на Свети Стефан од далечина го набљудувале Пресвета Богородица и Свети Јован Богослов, молејќи Му се на Бога за првиот маченик за верата на нејзиниот Син.
Овој настан се случил една година по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Телото на Свети Стефан тајно го зел и го погребал Гамалиил, еврејски кнез и потаен христијанин.
Така, Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан го заврши својот земен живот во слава и се пресели во Царството на Господ Исус Христос, останувајќи засекогаш пример на вера, храброст и жртва за вистината.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

