Кралството Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила на Армијата
Кралството Норвешка денеска ѝ ја предаде донацијата од 76 неборбени моторни возила на земјава. На предавањето на возилата во касарната „Илинден“ во Скопје свои обраќања имаа министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Норвешка за Македонија, Кристин Мелсом и командантот на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка Андрес Јернберг.
Министерката за одбрана Петровска во своето излагање посочи дека Армијата минува низ сеопфатен процес на модернизација и секоја дополнителна поддршка од сојузниците е добредојдена. Таа истакна дека донацијата ќе придонесе за зголемување на борбената готовност на Армијата.
Амбасадорката на Кралството Норвешка за Македонија, Кристин Мелсом, истакна дека дипломатските врски меѓу двете земји се зајакнуваат последните 30 години, особено по приемот на земјава во НАТО Алијансата во 2020 година.