Одбележување на 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа
Во организација на МТСП и Меѓународната организација на труд со конференција на тема: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа“ го одбележавме 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.
Сведоци сме на очигледни глобални климатски промени кои се случуваат насекаде на планетата. Резултат на тоа се сè почестите временски и климатски екстремни појави – изразито силни и чести топлотни бранови, силни врнежи, шумски пожари, поизразени сушни периоди итн. Никако не смее да се занемари фактот дека ваквите појави сериозно влијаат врз безбедноста и здравјето на работниците, кои честопати се и првите кои се изложени на овие опасности и тоа обично со изложеност која е подолготрајна и поинтензивна отколку на општата популација.
На одбележувањето на 28 април-Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски потенцирајќи го значењето на безбедноста и здравјето при работа, рече дека добар дел од несреќите при работа и појавата на професионални болести и заболувања кај работниците, можеле да бидат превенирани и спречени, но се токму последица на недоволното и несоодветното преземање на превентивни и заштитни мерки, неопходни да го заштитат здравјето и животот на работниците на работното место.
Според податоците од Државниот инспекторат за труд, во текот на минатата – 2023 година се случиле околу 2,250 посериозни повреди при работа, од кои 17 завршиле трагично, со смртни последици по вработените.
Секоја година при одбележувањето на Светскиот ден за БЗР, во фокусот на дискусиите е одредена актуелна тема од областа на безбедноста и здравјето при работа. Така е и оваа година. Одбележувањето е тематски посветено на „Влијанието на климатските промени врз безбедноста и здравјето при работа“.
На конференцијата, воведни обраќања, покрај министерот Велковски имаа и Владанка Трајковска, Претседателка на ОРМ, Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ и Националниот координатор на МОТ, Емил Крстановски.