Одложено судењето против Мерко за набавката на луксузниот автомобил
Во Основниот суд Струга се одложи главната расправа против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на луксузниот автомобил од марката „Ауди“. Во судницата не се појави ниту Мерко, ниту бранителот. Одлагањето е по барање на адвокатот на обвинетиот, кој побарал увид во доказите.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 01-ми март годинава, поднесе обвинение „злоупотреба на службена положба“ со набавка на автомобил „Ауди“, вреден 67 илјади евра, а претходно во 2020-та година Антикорупциската комисија поднесе иницијатива за кривично гонење на струшкиот градоначалник.
Одлагање по барање на адвокатот
„Ние ќе ја докажуваме нашата теорија на случајот претпоставувам одбраната нивната така да на крај судот е тој што ќе одлучи што навистина се случило. Ние сметам дека има дело, ќе го поддржиме обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Скопје“, истакна Никола Јолески јавен обвинител во ОЈО Струга
Бранителот на Мерко, вели не ги добиле доказите за да подготват одбрана, токму затоа барале одлагање на судењето.
„Целта не ни е да го одлагаме целта ни е кога ќе ги погледнеме доказите на обвинението да спротивставиме докази на одбраната со кои ќе ги оспориме и ќе докажеме дека не постои никаква одговорност кај градоначалникот“, изјави во телефонска изјава Игор Петковски бранител на Мерко.
Два судски процеси против Мерко
Во Основниот суд Струга, наизменично ќе се водат два судски процеси против градоначалникот Мерко. Второто дело за незаконско именување на директор во Основно училиште во Лабуништа, влегува во судница на 22-ри мај годинава.
Во Обвинителство против струшкиот градоначалник има 16 дела, две од нив завршија со обвинителен предлог. Од 2006-та низ рацете на обвинителите поминале 30 дела, 14 од нив застареле.