22 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Северна Македонија официјално побара изземање за своите превозници од новата Система за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System – EES), која треба да започне со примена на 26 јануари. Според владата и претставниците на транспортниот сектор, автоматското дигитално евидентирање на деновите на престој за државјани на трети земји може сериозно да го блокира транспортот, да го поскапи извозот и да предизвика пошироки економски потреси во Западен Балкан.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ја обвини Европската Унија за недоволно разбирање на реалните последици од новите правила. Тој истакна дека владата целосно го поддржува барањето за одложување или изземање на професионалните возачи и превозници, кои не се туристи, туку работници што секојдневно ги преминуваат границите на Шенген.
„Новите дигитални правила директно ќе го погодат транспортниот сектор и челичната индустрија. Ова е сериозен удар врз економијата, не само на Македонија, туку и на целиот регион“, изјави Николоски од собраниската говорница.
Превозниците предупредуваат дека автоматското броење на деновите на престој, како што е предвидено со EES, не ја зема предвид специфичноста на транзитниот транспорт. Возачите често влегуваат и излегуваат од Шенген-зоната за само неколку часа, без фиксен работодавач во ЕУ, што ги изложува на ризик од исцрпување на дозволениот престој, проблеми со работни визи и прекинување на договори.
„Ова не е технички проблем, туку системски ризик – може да ги запре испораките, да го направи извозот поскап и да доведе до затворање компании и загуба на инвестиции, вклучително и од земји-членки на ЕУ“, предупреди вицепремиерот.
Особено изразени се стравувањата во челичната индустрија, која е силно зависна од континуиран и непречен транспорт. Николоски нагласи дека Западен Балкан не може да се третира како „трета земја“ без да се земе предвид економската реалност. „ЕУ очигледно не е целосно свесна за проблемот. Со вакви линеарни политики, лесно може да се замисли што ќе се случи со големите производители на челик“, додаде тој.
Македонската влада веќе повеќе од една година води разговори со Европската комисија, вклучително и со еврокомесарот за транспорт Апостолос Цицикостас, но конкретно решение сè уште не е постигнато. Брисел ја следи ситуацијата, но изземање или одложување засега не е договорено.
Во меѓувреме, превозниците од регионот најавија дека, доколку нема реакција, се подготвени да ги блокираат граничните премини со земјите од Шенген. Протестни активности се најавени токму за 26 јануари, датумот кога системот EES треба да започне со реална примена.
Новата платформа ќе ги регистрира автоматски влезовите и излезите на државјани на трети земји во ЕУ преку биометриски податоци и дигитални записи, но за Балканот таа може да се покаже како пресвртница со сериозни економски последици.
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
„Стратешко партнерство“: Македонија без покана од Трамп за „Одборот за мир“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

