09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
По информацијата дека кај двајца новопримени професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес е констатирана шуга, со јавна реакција излезе Независниот синдикат на професионални војници. Од синдикатот предупредуваат дека случајот е резултат на, како што наведуваат, сериозно нарушени услови за живот и работа во воените објекти низ државата.
Според нив, инцидентот во велешката касарна не е изолиран, туку претставува дел од подолгогодишен проблем кој, како што тврдат, и претходно се појавувал, но не добивал соодветно јавно и медиумско внимание.
Во соопштението на синдикатот се наведува дека професионалните војници се соочуваат со несоодветни услови за сместување. Како конкретни примери се посочуваат стара и необновена постелнина, перници и ќебиња, простории со влага и појава на инсекти, како и нереновирани санитарни јазли. Дополнително, се укажува на, според нив, нехигиенски услови при сервирање на храната, стар прибор за јадење и недоволен квалитет и разновидност на оброците.
Од синдикатот тврдат и дека во одредени касарни со години постојат проблеми со електричната енергија и со техничката вода, што директно влијае врз здравјето и достоинството на војниците.
Претседателот на синдикатот, Александар Насковски, изјави дека военото раководство, како и досегашните министри за одбрана, не покажале доволна грижа за условите во кои престојуваат професионалните војници. Според него, приоритетно се инвестира во реновирање на простории наменети за офицерски кадар, додека објектите во кои живеат и работат војниците остануваат во лоша состојба.
Синдикатот смета дека со зголемувањето на буџетот за одбраната, во согласност со обврските кон НАТО, фокусот треба да биде ставен на подобрување на условите за работа и грижа за човечкиот фактор, а не исклучиво на набавка на воена опрема.
Во реакцијата се упатуваат и критики до министерот за одбрана, Владо Мисајловски, со обвинувања за изостанат социјален дијалог и игнорирање на барањата на професионалните војници. Како дополнителни проблеми се наведуваат немањето зголемување на платите во изминатите три години поради законски измени, појави на дискриминација и мобинг, како и зголемен одлив на стручен кадар од Армијата.
Од синдикатот најавуваат дека и во иднина ќе продолжат јавно да информираат за состојбите во Армијата и да бараат подобрување на условите за работа.
Претходно, од Армијата и Министерството за одбрана соопштија дека двајца професионални војници од касарната во Велес се заразени со шуга и дека тие се дел од групата од 296 нови војници кои положија свечена заклетва на 16 јануари.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

