27 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, упати остри критики кон актуелната политичка и економска состојба во државата, оценувајќи дека земјата се наоѓа во фаза на стагнација и институционален застој.
Во гостување во емисијата „Win Win“ на Телма, Таравари изјави дека неговото повлекување од извршната власт било свесен чекор со цел зачувување на личниот и политичкиот интегритет, поради, како што рече, континуирана маргинализација.
„За жал, целата држава некако стагнира. Не гледам што суштински се сменило во изминативе две години, освен премиерот кој се претставува како ‘one-man show’ и два-тројца министри кои навистина се обидуваат нешто да направат. Сѐ останато е во ‘standby’“, изјави Таравари.
Тој се осврна и на односите во рамки на владејачкото мнозинство, посочувајќи дека партиите кои го сочинуваат ВЛЕН се „политички бездомни“ и дека нивната политичка тежина е вештачки одржувана од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, тоа било видливо и на локалните избори, каде, како што тврди, биле пренесени најмалку 15.000 гласови на советничките листи.
„Некој е навикнат да биде кукла, да седи цел живот и да прави тоа што ќе му се каже. Јас не можев да го прифатам тоа – да бидеш дел од нешто каде што немаш никакво влијание“, нагласи тој.
Во однос на стратешките прашања, Таравари изрази сериозна загриженост за евроатлантската перспектива, предупредувајќи дека Северна Македонија ризикува да влезе во „Бермудски триаголник“ заедно со Косово и Босна и Херцеговина. Тој предупреди на можноста од повторување на сценариото од Самитот на НАТО во Букурешт 2008 и оцени дека европската перспектива е доведена во ќорсокак, особено поради ставот на премиерот дека нема да иницира уставни измени во текот на мандатот.
Паралелно со политичкиот застој, Таравари најави и можни економски предизвици, потенцирајќи дека кризата од Блискиот Исток би можела силно да се почувствува во земјата кон крајот на годината.
Во врска со обвинувањата за криминал, поткуп и наводен имот во Солун, Таравари упати директен предизвик до власта, повикувајќи ги институциите да излезат со конкретни докази наместо, како што рече, да се шират шпекулации.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

