26 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Северна Македонија се наоѓа пред историски избор меѓу забрзани реформи и ризик од долгорочна изолација на европскиот пат. Ова е главната порака на известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, кој во интервју за „Евронјуз Бугарија“ предупреди дека земјата нема да може да напредува во пристапните преговори со Европската Унија без усвојување на уставните измени и вклучување на Бугарите и другите заедници во Уставот.
Според Вајц, внесувањето на дополнителните малцинства во Уставот е неопходен предуслов за вистински почеток на преговорите.
„Тоа е услов без кој преговорите навистина не можат да продолжат“, изјави Вајц, нагласувајќи дека заштитата на малцинствата, правото на самоопределување и културно изразување се дел од основните европски вредности и од Копенхашките критериуми.
Тој порача дека прашањето не е предмет на повторно преговарање, и дека истата позиција ја слуша и од Советот и од Европската комисија.
„Без уставна измена, нема да започнеме преговори“, рече Вајц.
Известувачот на Европскиот парламент оцени дека во изминатата година не бил забележан суштински напредок во реформите во Северна Македонија. Тој предупреди дека тоа не се однесува само на формалното отворање на преговорите, туку и на реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан.
Доколку земјата не ги спроведе потребните реформи, според Вајц, 47 милиони евра европска помош нема да завршат во Северна Македонија, туку ќе бидат пренасочени кон соседните земји.
Како најважни области за реформи, Вајц ги посочи владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на судството и слободата на медиумите. Тој ја нарече корупцијата „рак во општествата“, додавајќи дека клучното прашање е дали институциите имаат капацитет, законска основа и политички простор навистина да се справат со неа.
„Без соодветно владеење на правото нема да привлечете странски инвеститори. Тоа е клучно прашање и за европската интеграција и за развојот на самата земја“, истакна Вајц.
Во интервјуто тој се осврна и на односите со соседите, нагласувајќи дека заемното почитување е основа на соработката во Европската Унија. Според него, конструктивниот дијалог со Бугарија и Грција е неопходен, особено во сегашниот геополитички контекст.
Сепак, Вајц посочи дека постојат и позитивни примери на практична соработка, како договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за Коридорот 8, кој, според него, е важен не само за регионот, туку и за НАТО и безбедносната политика.
Говорејќи за раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија во процесот на пристапување, Вајц рече дека тоа е резултат на принципот на заслуги. Албанија, според него, напредува многу брзо во усвојувањето на законодавството, и не би било оправдано една земја да биде запрена затоа што друга не напредува.
Тој изрази надеж дека напредокот на Албанија ќе биде поттик за политичката сцена во Скопје.
„Од моментот кога започна раздвојувањето, поддршката за Европската Унија во Северна Македонија расте. Се надевам дека владата ќе ги слуша своите граѓани“, рече Вајц.
Според него, граѓаните ја гледаат ЕУ не само како политички или идеолошки проект, туку како можност за подобро секојдневие — повеќе работни места, подобра инфраструктура, болници, градинки и економски развој.
Вајц предупреди и на руското, кинеското и турското влијание во регионот, како и на обидите преку дезинформации и медиумско влијание да се ослаби Европската Унија и да се забави проширувањето. Тој нагласи дека независноста и слободата на медиумите се основен услов за членство.
На прашањето кога реално Северна Македонија би можела да стане членка на ЕУ, Вајц оцени дека земјата сè уште има шанса да се приклучи кон групата со Албанија и Црна Гора во рамките на актуелниот мандат на Европскиот парламент, но само ако сериозно се посвети на реформите.
„За жал, засега не гледам дека се преземени потребните реформи. Во овој момент не гледам политичка волја од страна на владата сериозно да се посвети, особено кога станува збор за владеењето на правото и независноста на правосудството“, изјави Вајц.
Тој, сепак, порача дека останува подготвен да ја поддржи Северна Македонија и регионот во напорите за приближување кон Европската Унија.
„Таму сум за да помогнам регионот да оди напред. Нема да се откажам“, заклучи Вајц.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

