Уставниот суд ќе ја одржи 15-та седница
Уставниот суд денеска ќе ја одржи 15-та седница, на чиј дневен ред се седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и четири предлози за одлучување со нацрт-одлуки.
Меѓу нив и предметот во кој е оспорен член од Законот за Академија за судии и јавни обвинители кој се однесува на бодирањето од усниот дел од испитот при прием на нови слушатели. Подносители на иницијативата се Александар Огненовски, адвокат од Скопје и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“- Скопје
На дневниот ред се иницијативата со која е оспорен член 88 став 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството, поднесена од Игорчо Точев. Во иницијативата се наведува дека членувањето на службените лица во Прекршочната комисија не може да се смета за нивен дополнителен ангажман туку претставува нивна работна обврска за чиешто извршување добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда што е спротивно на начелото на владеење на правото.
На денешната седница се и предметите оформени по иницијатива од Уставниот суд, а се однесуваат за член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ бр.16 од 23.11.2006 г.), за член 26 алинеја 5 и Глава VIII точка 9 „Автентично толкување на општ акт“ членовите 107, 108, 109 и 110 од Деловникот на Советот на Општина Дебар бр.07-312/3 од 8.08.2005 година („Службен гласник на општина Дебар” бр. 4 од 11.08.2005), за член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Oпштина Карпош бр.07-1299/2 од 13.03.2006 година („Службен гласник на Oпштина Карпош“ бр.3/2006), за член 15 алинеја 3 од Деловникот за работата на Советот на Општина Чашка бр. 08-913/5 од 30.06.2022 година и иницијативата за член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Центар Жупа бр. 07-315/4 од 28.06.2007 година („Службен гласник на Општина Центар Жупа” бр. 03/2007).