Британија развива хиперсонична крстосувачка ракета
Британија развива сопствена хиперсонична крстосувачка ракета, со која планира да ги опреми своите вооружени сили, пишува Sky News. Целта е ова да стане реалност до крајот на деценијата.
Воените началници се под притисок да ги достигнат Кина, Русија и САД со развивање оружје способно да лета со брзина поголема од 5 маха - пет пати поголема од брзината на звукот.
Министерството за одбрана сака проектилот да биде дизајниран и произведен во Британија и да биде во употреба до 2030 година. Плановите се сè уште во рана фаза. Не е јасно дали проектилот ќе биде лансиран од копно, море или воздух.
Балистичкото оружје може да достигне и хиперсонична брзина, но разликата е во маневрирањето. Балистичкото оружје обично има фиксни траектории, но траекторијата на хиперсоничното оружје може да се смени по лансирањето, што го отежнува уништувањето.
САД, Русија и Кина се главните играчи во трката за хиперсонично оружје. Други земји како Северна Кореја исто така тврдат дека тестирале хиперсонично оружје.