Делегација на Хамас ќе го посети Каиро на разговори со Израел за прекин на огнот во Газа
Делегација на Хамас ќе го посети Каиро на 29 април на разговори за прекин на огнот во Газа, објави Ројтерс.
Напорите на групата да постигне договор со Израел за прекин на борбите се интензивираа поради израелските закани за напад на Рафах.
Халил Ал Хаја, висок функционер на Хамас, појасни дека добиле одговор од Израел во врска со предлогот на групата за прекин на огнот во Појасот. Ал Хаја рече дека Хамас ќе го разгледа одговорот на Израел пред да го поднесе својот одговор до египетските и катарските посредници. Претходните преговори за прекин на огнот пропаднаа. Хамас сакаше договор за траен крај на војната и Израел да ги повлече своите сили од Појасот Газа.
Израел понуди само привремен прекин на огнот за да ги ослободи околу 130-те заложници држени во заробеништво и да дозволи да се достави повеќе хуманитарна помош. Израелските власти беа категорични дека нема да ја прекинат операцијата во Газа додека не ја постигнат целта „да го уништат Хамас“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац изјави дека планираната инвазија на Рафах, дом на повеќе од милион раселени Палестинци, може да биде запрена доколку дојде до договор за ослободување на израелските заложници.
Од своја страна, министерот за финансии Безалел Смотрич го повика Бенјамин Нетанјаху да не отстапи од нападот на Рафах и изјави дека согласувањето со предлозите на Египет би претставувало понижувачки пораз.
Западните земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, го повикаа Израел да се воздржи од напад на пограничниот град бидејќи таков напад ќе чини многу цивилни животи.