Шмит од Сребреница: Граѓаните на БиХ никогаш повеќе не смеат да бидат жртви на омраза и насилство
Во чест на 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, амбасадорите на Управниот комитет на Советот за имплементација на мирот (ССМ) одржаа седница во Меморијалниот центар Поточари, каде ја изразија силната поддршка на меѓународната заедница за суверенитетот, територијалниот интегритет, како и уставниот и правниот поредок на Босна и Херцеговина.
Оваа седница, што за прв пат не се одржа во Сараево, имаше симболична тежина и силна порака – меѓународната заедница останува доследна во поддршката на Дејтонскиот мировен договор и процесите на помирување во земјата. Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, ја истакна потребата за заедничка работа на сите нивоа во општеството, за никогаш повеќе да не се дозволи омраза и насилство врз основа на етничка или верска припадност.
„Граѓаните на Босна и Херцеговина никогаш повеќе не смеат да станат жртви на омраза, поттикнување или насилство поради нивното потекло, верска или етничка припадност“, изјави Шмит.
Во однос на тоа како да се справиме со негирањето на геноцидот и бегалците од правдата, Шмит посочи на важноста на образованието. „Едукација, едукација, отворена дискусија... Клучната формулација е – 'никогаш повеќе'. Подучувањето не значи величење поранешни генерали, туку учење на вистината“, рече тој, апелирајќи да се прегледаат наставните програми низ целата земја за да се осигура дека историјата се учи објективно и одговорно.
На прашање дали почувствувал отпор или проблеми при посетата на Сребреница, Шмит одговори дека немал никакви тешкотии, додавајќи: „Претставувам меѓународна заедница во цела Босна и Херцеговина и нема ограничувања. Бев пријателски пречекан.“
Геноцидот во Сребреница, во јули 1995 година, кога силите на Армијата на Република Српска убија повеќе од осум илјади бошњачки мажи и момчиња, останува едно од најцрните поглавја во поновата историја на Европа. За овие злосторства, над 50 лица се осудени на околу 700 години затвор, вклучувајќи и доживотни казни за главните виновници.
Одбележувањето на оваа годишнина е потсетник на обврската на целата меѓународна заедница – но и на домашните институции – да го зачуваат мирот, да се спротивстават на ревизијата на историјата и да градат иднина базирана на вистината и помирување.