02 февруари 2026
• од Гоце Кически
Денес се чествува споменот на Ефтимиј Велики, еден од најсветлите столбови на палестинското монаштво и учител на пустиножителството.
Роден околу 377 година во ерменскиот град Мелитина, близу реката Еуфрат, од благородни и угледни родители, Ефтимиј бил единец, дар од Бога по усрдните молитви на мајка му Дионисија, која имала небесно видение за неговото раѓање. Уште од младоста се предал на подвиг и богомислие. На дваесет и деветгодишна возраст го посетил Ерусалим и се повлекол во пустината меѓу Ерусалим и Јерихон, во местото наречено Фара.
Во таа сурова пустина, деновите и ноќите ги исполнувал со молитва, созерцание и телесен подвиг. Околу него постепено се собрале ученици, а од неговата духовна школа израснале големи светители како Сава Освештен, Теоктист и Киријак Отшелник.
По Божји дар, Преподобниот бил голем чудотворец: изгонуваше демони, исцелуваше тешки болести, изведе вода во пустината, умножи леб и пророкуваше. Но повеќе од чудата, народот и монасите ги привлекувала неговата духовна мудрост.
Тој ги учел монасите на трудољубие со зборовите:
„Ако го јадете својот леб без труд, значи дека јадете туѓ труд.“
Кога некои млади монаси сакале да постат повеќе од другите, им забранувал да доаѓаат на општата трпеза, за да не се погордеат со својот подвиг. Често велел:
„Дрвото кое често се пресадува не носи плодови“, поучувајќи дека монахот не треба да преминува од место на место, туку да се спасува таму каде што е.
За љубовта пак говорел:
„Тоа што е солта за лебот, тоа е љубовта за другите добродетели.“
Во текот на неговиот живот, околу неговата келија се создала огромна лавра, која со векови била преполна со монаси „како кошница со пчели“. Во првата недела од Чесниот Пост, Ефтимиј се оддалечувал длабоко во пустината и таму престојувал во молчание и богомислие сè до пред Велигден.
Неговата последна заповед до браќата била да го чуваат гостољубието и манастирската порта никогаш да не биде затворена.
Преподобниот се упокоил во 473 година, на деведесет и седумгодишна возраст. На неговиот погреб присуствувал и Ерусалимскиот патријарх Анастасиј I Ерусалимски, кој чекал цел ден додека народот го целивал светителот, и дури вечерта успеал да го опее.
Седмиот ден по неговата смрт, Свети Ефтимиј му се јавил на својот ученик Дометијан, сиот во светлина и радост — како вистински син на Светлината.
Неговиот живот и денес останува жива поука за трудољубие, смирение, постојаност и љубов — темелите врз кои се гради секоја вистинска христијанска добродетел.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

