04 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Еврокомесарката Кос: Македонија во групата земји што стагнираат кон ЕУ
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во Европскиот парламент го претстави напредокот на земјите кандидати за членство во Европската Унија, при што Северна Македонија ја стави во втората група – земји што не прават доволно за да напредуваат кон Унијата.
Кос истакна дека Македонија не презела одлучувачки чекори за спроведување на уставните измени, што е клучен услов за продолжување на преговорите за членство. Таа нагласи дека земјата технички работи на Реформската агенда и е целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ, но потребни се „брзи и решителни дејствија“ за отворање на првиот кластер.
„Северна Македонија треба да ги интензивира напорите во владеењето на правото, преку заштита на судската независност, зајакнување на борбата против корупцијата и усвојување на уставните измени за вклучување на сите заедници, вклучително и Бугарите,“ се наведува во извештајот што го цитираше Кос.
Во првата група, со значаен напредок, Кос ги спомена Црна Гора, Албанија, Молдавија и Унгарија. Таа особено ја пофали Албанија за „непреседански напредок“ за краток период, а Молдавија за најголем прогрес во изминатата година, и покрај хибридните закани.
Во втората група, покрај Македонија, се најдоа Србија и Босна и Херцеговина. Кос посочи дека речиси сите земји кандидати се сто проценти усогласени со надворешната политика на ЕУ – со исклучок на Србија, која има само 62 отсто усогласеност и, според неа, покажува „значајно назадување“, иако декларативно тврди дека членството во ЕУ ѝ останува стратешка цел.
Во последната група се најдоа Турција и Грузија. За Турција беше истакнато дека има „континуирана ерозија на демократските стандарди“, а за Грузија Кос воведе нов термин – „земја кандидат само по име“, поради сериозното демократско назадување.
Еврокомесарката најави дека Европската комисија наскоро ќе го објави новиот извештај за стратегијата за проширување, кој ќе содржи реформи што треба да го направат процесот поефикасен и реален. Кос откри и дека ќе се воведат дополнителни гаранции во договорите за пристапување, со цел да се спречи нови членки да назадуваат по влезот во Унијата – како што таа рече, „да нема нови Орбани“.
Во текот на следната година, Комисијата ќе објави три нови стратегии во кои ќе бидат вклучени и земјите кандидати: стратегија за демократија, за поголемо учество на граѓанското општество и за отпорност на медиумите на дезинформации.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

