26 април 2026
• од Тодор Вангелов
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека Северна Македонија мора да го продолжи европскиот пат, оценувајќи дека државата нема друга алтернатива освен движење напред кон Европската Унија.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче истакна дека политиката, како и животот, е динамичен процес, но дека обврска на политичарите е да се борат за државата, за граѓаните и за подобра иднина.
„Ние не знаеме утре што нè чека, ама наше е да се бориме – за себе, за државата, за граѓаните, за да ни биде подобро“, рече Филипче.
Тој ја обвини актуелната власт дека, како што наведе, „продава лажен патриотизам“ и прикажува борба за национални интереси која, според него, во реалноста не постои. Филипче нагласи дека граѓаните и државата не заслужуваат стагнација и разочарување, туку јасен напредок кон Европа.
Според лидерот на СДСМ, европскиот пат од 1991 година досега бил тежок и макотрпен, но мора да продолжи. Тој предупреди дека секоја друга насока носи губење на оптимизмот кај младите, пензионерите, земјоделците, докторите, наставниците и сите други категории граѓани.
Филипче оцени дека нема ризик во чекорот што треба да се направи, алудирајќи на уставните измени, и дека тие треба да овозможат отворање на земјата, пристап до фондови, зајакнување на системот и функционирање на државата според принципите и критериумите на земјите членки на Европската Унија.
„Во спротивно, само ќе тонеме“, порача тој.
Претседателот на СДСМ упати остри критики кон власта, тврдејќи дека таа мора да биде сменета бидејќи, според него, ги предала националните интереси и интересите на граѓаните.
„Оваа власт е предавничка. Ги предаде националните интереси и интересите на граѓаните, затоа што лаже дека има некаков ризик во уставните измени“, изјави Филипче.
Тој додаде дека граѓаните, како што рече, „ќе си дојдат по своето“, оценувајќи дека последиците од актуелните политики ќе станат сè поочигледни.
Петер Маѓар в среда во Брисел на итни разговори за одмрзнување милијарди евра од ЕУ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

