08 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 600 евра е целосно оправдано, а државниот Буџет располага со средства за негово остварување, оцени членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, во емисијата „Стадион“ на радио Канал77.
Според Фрчкоски, поддршката што СДСМ ја дава на синдикалните барања не претставува политичко присвојување, туку доследна заложба за подобрување на животниот стандард на работниците. Тој потсети дека токму за време на мандатите на СДСМ минималната плата бележела континуиран раст.
„Почнавме со минимална плата од 8.000 до 10.000 денари, ја зголемивме на 14.000 денари во првите две години, а на крајот на мандатот достигна 22.000 денари. Тоа е јасен доказ дека сме покажале реална грижа за работниците и синдикатите“, изјави Фрчкоски.
Тој нагласи дека поддршката за вакви социјални барања не смее да се политизира ниту да се сведува на етикетирање од страна на власта. Според него, ваквиот пристап е обид да се избегне суштинска дебата и реални реформи во делот на платите.
„Кога ќе се застане зад оправдано барање на работниците, тоа не значи дека некој си ‘присвојува’ синдикат. Напротив, ваквите обвинувања се одраз на влада која нема волја да најде решение за зголемување на платите“, истакна тој.
Во интервјуто, Фрчкоски посочи дека СДСМ излегла со конкретен и пресметан предлог за обезбедување средства за минимална плата од 600 евра, без значително оптоварување на Буџетот.
„Со минимален импакт во неколку буџетски ставки може да се обезбедат потребните средства. Предложивме намалување на дел од расходите кои често одат за нецелосно јасни трансфери, луксузни удобства, канцелариски мебел, возила или непотребни времени вработувања, иако истовремено се тврди дека администрацијата е превработена“, рече Фрчкоски.
Тој додаде дека ваквиот пристап претставува конструктивно и одговорно решение, насочено кон обезбедување достоинствен живот за работниците и подобрување на социјалната сигурност во државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

