08 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Изолираноста во која се наоѓа Македонија станува сè подлабока и претставува сериозна закана за иднината на државата, особено кога станува збор за младите луѓе. Наместо да се создаваат услови за нивно задржување и враќање, актуелните политики дополнително го поттикнуваат иселувањето, предупреди Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, во гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Тој истакна дека изјавите на премиерот за враќање на младите „со авиони“ звучат повеќе како политичка флоскула, отколку како реална стратегија.
„Клучното прашање е дали воопшто постои визија за иднината на младите тука. Изолацијата нема да го запре иселувањето, ниту ќе ги врати оние што веќе заминале. Напротив, таа само ќе го забрза процесот“, рече Фрчкоски.
Според него, најзагрижувачки е фактот што земјата ја напуштаат млади и високообразовани кадри.
„Ова е тивка катастрофа. Државата вложува значителни ресурси во образованието и развојот на младите, а придобивките на крајот ги користат други земји. Тоа е директна последица на долгогодишна несигурност, недостиг од перспектива и лоши јавни политики“, нагласи тој.
Фрчкоски се осврна и на надворешната политика, оценувајќи дека Македонија денес е подалеку од стратешкото партнерство со САД отколку кога било досега.
„Партнерството со САД секогаш било од клучно значење за Македонија. Денес, меѓутоа, немаме суштински односи, туку симболично шетање по ходници и средби без конкретни резултати. Во Давос немаше ниту една значајна средба со сериозен светски лидер“, изјави Фрчкоски.
Тој додаде дека иако власта декларативно зборува за проамериканска и проевропска ориентација, во пракса се движи по сосема поинаква линија.
„Сведоци сме на политичка оска Орбан – Вучиќ – Мицкоски, која не води кон Запад и САД, туку најверојатно кон Москва. Тоа е опасен правец кој дополнително ја оддалечува Македонија од нејзините стратешки партнери и ја турка во меѓународна изолација“, заклучи Фрчкоски.
Со ваквите политики, според него, државата ризикува да остане без својата највредна сила – младите луѓе – и да ја загрози сопствената економска, демографска и политичка иднина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

