11 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Професорот и поранешен министер Љубомир Д. Фрчковски предупредува дека современите демократии ширум светот се соочуваат со тивка, но опасна форма на ревизионизам – борбата за контрола врз историската меморија. Според него, оваа борба е клучна за спречување на враќањето на фашизмот и геноцидните политики.
„Секоја војна се води двапати – еднаш на бојното поле и вторпат во меморијата“, истакнува Фрчковски, нагласувајќи дека токму преку ревизија на историјата се обидува да се испере вината, да се релативизираат злосторствата и да се овозможи политичка рехабилитација на нивните сторители.
Фрчковски укажува дека овој феномен не е локален, туку глобален. Во Европа тоа го прават негирачите на Холокаустот, во САД белите христијански супрематисти ја „шминкаат“ историјата на геноцидите и репресијата, во Африка се релативизира геноцидот во Руанда, во Србија се ревидираат војните од распадот на Југославија и Сребреница, во Русија се негира Холодоморот, а на Блискиот Исток се води жестока битка околу наративите за Газа и Палестина.
Во македонскиот политички контекст, Фрчковски смета дека сличен модел применува ВМРО-ДПМНЕ, преку, како што вели, „карикатурално и простачко“ запоседнување на толкувањето на историјата, особено на периодот по независноста на државата.
Според него, постојаната опседнатост со минатото – и со политичари како Зоран Заев – не е знак на историска грижа, туку симптом на „немање сегашност“. Партијата, тврди Фрчковски, не може да се пронајде во ниту еден клучен конститутивен политички чин на современата македонска држава.
Фрчковски ја лоцира причината за ова однесување во два длабоки, колективно-психолошки стравови. Првиот е стравот од политичка излишност – сознанието дека ВМРО-ДПМНЕ нема историска улога во темелите на современата државност. Затоа, според него, партијата ги прогласува сите тие темелни акти за „предавства“, обидувајќи се ретроактивно да си создаде причина за постоење преку нивно поништување.
Вториот страв е стравот од сведоците на таа излишност – политичарите кои ги изнеле тие процеси. Тие, вели Фрчковски, мора да бидат криминализирани преку низа афери и конспирации, за да се релативизира нивното политичко значење.
Во таков контекст, актуелната власт ја опишува како „власт во гротеска“, односно форма на репресија без вистинска државничка содржина. Единствената реална активност, според него, е пропагандата и создавањето „Потемкини села“ од картон, додека институциите се сведуваат на алатка за партиска контрола.
Како последен пример го наведува обидот за создавање конспиративен наратив околу заплената на марихуана во Србија, која во домашната јавност се обидува да се поврзе со СДСМ и Зоран Заев. Според Фрчковски, тоа е евтина конструкција која нема ниту политичка длабочина, ниту државен капацитет за вистинска интрига.
„За политичка интрига е потребна држава, администрација, културна и интелектуална длабочина“, вели Фрчковски, додавајќи дека без тие предуслови, обидите за конспирации остануваат на ниво на примитивна пропаганда.
На крајот, неговата поента е јасна: борбата за меморијата не е академска дебата, туку суштинска политичка битка. А кога таа борба се води од позиции на страв, празнина и излишност – резултатот не е ниту држава, ниту политика, туку само бучна и опасна илузија на моќ.
Џорџа Мелони им оддаде почит на илјадниците Италијанци убиени од режимот на Тито
Филипче: Врв на безобразие – нема пари за плати, а има за нов владин авион
Филипче: СДСМ повторно го поднесува законот, 600 евра минимална плата сега
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

