11 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Членови на Комисијата за проценка на штети од земјотресот што ја погоди Битола во 2022 година добиле надоместоци од 1.600 до 2.400 евра, додека оштетените граѓани во просек добиле по околу 12 евра. Податоците произлегуваат од порталот Отворени финансии, каде се евидентирани исплатите од буџетот.
Според објавените информации, на седум лица чии имиња се наведени како членови на Комисијата, Општина Битола им исплатила вкупно околу 843.210 денари, односно приближно 14.000 евра. Исплатите биле реализирани на 13 октомври 2023 година.
Комисијата броела петмина експерти и 15 административни службеници, чии имиња се објавени во Службениот гласник на Општината. Сепак, на порталот „Отворени финансии“ се достапни податоци за исплати само за седуммина – двајца експерти и петмина административци.
Вкупниот износ исплатен на овие седум лица изнесува 843.210 денари (околу 14.000 евра).
Според објавите во Службениот гласник, за секој обработен предмет членовите на Комисијата добивале по 360 денари. Со оглед на вкупно исплатениот износ, произлегува дека биле обработени околу 2.342 предмети.
За разлика од надоместоците на проценителите, правните и физичките лица погодени од земјотресот добиле значително помали суми. Дури четири години по земјотресот, им се исплаќаат само пет проценти од утврдената штета, што во просек изнесува околу 750 денари, односно околу 12 евра по лице.
Со цел да се направи споредба меѓу исплатите на проценителите и надоместоците за оштетените, биле испратени две електронски барања до Општина Битола за дополнителни информации. Од Општината не биле доставени конкретни податоци за висината на исплатите.
Одговорот што бил добиен гласи дека исплатите биле извршени согласно одлуките на Советот и бројот на обработени предмети. Воедно, од Општината посочиле дека поединечните износи за оштетените не можат да се објават поради ограничувањата од Законот за заштита на лични податоци.
Според достапните податоци, постои значителна разлика меѓу износите исплатени на членовите на Комисијата и средствата што им биле доделени на граѓаните погодени од земјотресот. Додека проценителите добиле илјадници евра за својата работа, оштетените во просек добиле симболични 12 евра, и тоа по неколкугодишно чекање.
Останува отворено прашањето дали ваквата распределба на буџетските средства соодветствува на приоритетите и потребите на граѓаните погодени од елементарната непогода.
Џорџа Мелони им оддаде почит на илјадниците Италијанци убиени од режимот на Тито
Филипче: Врв на безобразие – нема пари за плати, а има за нов владин авион
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

