05 февруари 2026
• од Гоце Кически
Во момент кога прашањето за уставните измени повторно се наоѓа во фокусот на јавноста, а премиерот Христијан Мицкоски јавно ги постави своите услови – почитување на правата на Македонците во Бугарија и гаранции – пораката од Европската Унија е внимателно формулирана, дипломатска, но суштински недвосмислена.
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, во разговор на оваа тема покажа јасна линија: разбирање за позицијата на Владата, но истовремено потсетување дека ставот на ЕУ е веќе утврден и дека во актуелниот геополитички контекст е потребен прагматичен и брз напредок.
„Секогаш имам огромна почит кон позициите на премиерот“, рече Рокас, но веднаш додаде: „Европската Унија има позиција и таа позиција е многу јасна. Не сакам да ја повторувам, мислам дека вашите гледачи ја знаат.“
Токму во оваа формулација се чита суштината на пораката од Брисел.
Рокас не ја води аргументацијата преку билатералните прашања, туку преку пошироката слика.
„Живееме во геостратешки превирања, во ера на непредвидливост, во ера во која довербата е во дефицит“, истакна тој. Според него, токму ваквиот светски контекст ја менува тежината и итноста на одлуките што ги носат европските држави, особено оние што се на пат кон членство.
Неговата реторика не се задржува на минатите несогласувања, туку ја префрла тежината кон сегашноста и иднината: безбедност, просперитет, технолошки развој, конкурентност.
Во таа насока, тој потсети на неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и најавените инвестиции во вештачка интелигенција во земјава, како и отворањето на делови од внатрешниот пазар на ЕУ за земјите кандидати.
„Ова се работи што не постоеја за претходните земји кандидати пред да станат членки. Работите драматично се менуваат“, нагласи Рокас.
Иако Рокас јасно кажува дека има „огромна почит“ за ставовите на премиерот, тој ниту во еден момент не сигнализира дека Европската Унија би можела да ја преиспита својата позиција во однос на уставните измени и преговарачката рамка.
Напротив, повторувањето дека „позицијата е јасна“ и дека нема потреба да се повторува, дипломатски укажува дека од аспект на Брисел, рамката е поставена и очекувањата се непроменети.
Во превод, условите што ги поставува македонската влада не се третираат како нова основа за преговарање со ЕУ, туку како внатрешно-политичка позиција која Брисел ја почитува, но не ја интегрира во својата официјална линија.
Еден од најсилните делови од изјавата на Рокас е потсетувањето на улогата на ЕУ низ годините.
„Кој беше најкредибилен и најдоверлив партнер за оваа земја низ годините, и покрај фрустрациите? Европската Унија. Ние бевме тука.“
Ова не е само дипломатска куртоазија, туку внимателно поставен аргумент: во услови кога довербата глобално се намалува, ЕУ се претставува како стабилна константа на која Северна Македонија може да се потпре.
Така, фокусот се префрла од билатералните недоразбирања кон стратегиското партнерство со Унијата.
На крајот, пораката се сведува на итност.
„Имаме позиција и треба да најдеме брз начин да одиме напред“, вели Рокас.
Без директно да ги отфрли условите на Владата, тој јасно укажува дека од аспект на ЕУ, времето за пролонгирање е ограничено, а геополитичките околности бараат одлуки што ќе ја позиционираат земјата во европското семејство што е можно побрзо.
Во дипломатски речник, ова значи дека Брисел очекува процесот да продолжи во рамките што веќе се договорени, додека политичката одговорност за следниот чекор останува во Скопје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

