07 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во подкастот „Почетна пресметка“, професорот Оливер Андонов остро ја критикуваше економската состојба во која живее најголемиот дел од граѓаните, посочувајќи дека со една плата од околу 600 евра е невозможно едно семејство да има нормален живот.
Според него, реалноста на секојдневните трошоци целосно ја демантира официјалната слика за економски напредок.
„Како може едно нормално семејство да живее ако еден работи, а има 600 евра плата? Тоа е срамота. Вие барем живеете во реалноста, одите во продавница, гледате колку чинат работите“, рече Андонов.
Тој даде конкретен пример со секојдневните трошоци, нагласувајќи дека дури и обично кафе станува луксуз.
„Да седнеме тројца на кафе, под 500 денари нема да нè чини. Тоа се речиси 10 евра – само за по едно еспресо. А дневницата на човек што работи за минимална плата не е ни толку“, истакна професорот.
Андонов направи и проста пресметка: ако минималната плата од околу 24.770 денари се подели на 22 или 23 работни дена, дневницата изнесува околу 1.000 до 1.100 денари.
„Со таа дневница треба да јадеш, да платиш превоз, сметки, да преживееш. Се поставува прашањето: дали државата навистина им овозможува на луѓето нормално да работат и да заработат?“ – праша тој.
Во подкастот беше отворено и прашањето дали ваквата состојба е случајна или намерна.
„Дали намерно се држи народот во ваква состојба? Да, сто посто е така. Од време на време ќе им пуштат конец, само колку да преживеат“, рече Андонов.
Според него, сиромаштијата е средство за контрола, бидејќи човек што се бори за основните услови за живот нема простор да размислува за достоинство, права или отпор.
„Сиромашен човек се бори за основи на живот. Таков човек полесно се контролира“, заклучи професорот во „Почетна пресметка“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

