21 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Родителите на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска по 34-ти пат учествуваа на „Маршот за ангелите“. Движејќи се по веќе познатата рута – од Паркот на револуцијата до зградата на Судот и Јавното обвинителство во Скопје – тие застанаа за кратко за да ги испратат своите пораки до јавноста, нагласувајќи дека не се задоволни од начинот на кој институциите ја водат постапката за утврдување на вистината за трагедијата, пренесува „360 степени“.
Родителите побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно објаснување од надлежните зошто одредени лица досега не се опфатени со постапката. Тие исто така се осврнаа на оставката на досегашниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски и упатија порака до неговиот наследник да го разгледа целиот предмет од самиот почеток.
„Да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој молчел и кој не постапил“, порачаа родителите.
Александар Наунов, татко на девојка која го загуби животот во „Пулс“, изјави дека семејствата се гневни затоа што, како што рече, постојат лица за кои и јавноста и родителите со право знаат дека имаат одговорност, но тие сè уште не се ниту осомничени, ниту дел од транспарентна истрага.
„Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња, имаат приказни, имаат семејства кои засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака дека сме тука, дека паметиме и дека нема да дозволиме вистината да биде закопана заедно со нашите деца“, изјави Наунов пред Полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани се обрати и Верица Трифунова, мајка на Моника Спасова. Таа рече дека оставката на Коцевски е задоцнета и дека поранешниот обвинител не покажал волја да го отвори случајот уште од денот на трагедијата.
„Државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка, но таа дојде премногу доцна. Немаше храброст и волја сам да ја отвори истрагата од самиот почеток. Наместо вистинска истрага, побара информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица кои беа осомничени уште од 2024 година и порано, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени“, рече Трифунова.
Според неа, со гонење на „неколку пониски функционери“ се создава лажна слика за правда, со цел да се затвори случајот и да се избегне директна индивидуална и институционална одговорност.
„Ние, родителите на убиените деца, денес јавно и гласно кажуваме – ова не е правда и ние нема да ја прифатиме“, истакна таа.
Трифунова испрати јасна порака до новиот државен јавен обвинител, кој допрва треба да биде избран, да го преиспита целиот предмет од почеток и на обвинителна клупа да седне секој што директно или индиректно придонел за трагедијата во која ги загубија животите нивните деца.
„Бараме целосна ревизија на предметот – да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој молчел и кој не постапил. И секој што придонел, директно или индиректно, за смртта на нашите деца, да одговара“, рече Трифунова.
Инаку, за случајот „Пулс“ во тек е судска постапка против 35 физички лица и три правни субјекти. Судскиот процес започна на 19 ноември и моментално се наоѓа во фаза на воведни говори. Судењето треба да продолжи на 25 декември, кога воведни излагања ќе имаат сопственикот на агенцијата за обезбедување „Rubicon Security Solutions“, Александар Нацев, како и претставниците на трите компании, по што се очекува започнување на сослушувањето на сведоците.
Ѓорѓиевски најавува албански изведувач за новогодишната прослава во Скопје
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

