31 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) поднесе Закон за зголемување на минималната плата на 600 евра, со цел подобрување на животниот стандард на работниците и одговор на долгогодишните барања на синдикатите.
Од партијата посочуваат дека законот доаѓа како директен одговор на драматичното намалување на животниот стандард во изминатата година и половина. Според СДСМ, високата инфлација, континуираното поскапување на храната, електричната енергија, греењето и услугите сериозно ја намалиле куповната моќ на граѓаните, особено на оние кои живеат од минимална плата.
„За илјадници семејства, минималната плата е единствен или доминантен извор на приходи. Затоа државата има обврска да обезбеди услови за достоинствен живот“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија остро ја критикуваат власта, обвинувајќи ја дека има средства за, како што велат, сомнителни и криминални тендери, но тврди дека нема пари за зголемување на платите на работниците. Во таа насока, посочуваат примери за десетици тендери доделени на исти фирми и милионски износи исплатени на компании со мал број вработени или со блиски политички релации.
„Не може да има пари за 161 тендер за една фирма, 51 за друга, милиони евра за фирми со двајца вработени, а да нема пари за работниците“, порачуваат од СДСМ, оценувајќи дека актуелната власт ја фаворизира тендерската шема наместо трудот.
Партијата предупредува и на зголемено иселување на младите, додека, како што велат, владата паралелно увезува странска работна сила, што дополнително го ослабува домашниот пазар на труд.
Законот за минимална плата од 600 евра веќе е поднесен во Собранието. Од СДСМ порачуваат дека сега е на потег парламентарното мнозинство и дека граѓаните јасно ќе видат „кој е за повисоки плати и достоинствен живот, а кој е за криминални тендери“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

