08 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави протест со блокада што ќе се одржи во вторник, на 10 февруари 2026 година, пред Собранието на Република Македонија, со почеток во 9 часот. Од ССМ информираат дека протестот се организира врз основа на заедничка одлука на Претседателството и Советот на ССМ, а согласно Законот за јавни собири.
Блокадата ќе се одвива на улиците „11-ти Октомври“ и „Даме Груев“, со цел да се изрази незадоволството од, како што велат, молкот на пратениците по однос на синдикалните барања за зголемување на платите.
Од ССМ посочуваат дека пратениците со месеци не реагираат на предлогот за зголемување на минималната плата и на сите останати плати, додека работниците се соочуваат со сè поголеми трошоци за живот. Синдикатот бара минималната плата итно да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари, односно за разликата што ќе произлезе од новото зголемување на минималната плата.
Во соопштението остро се критикува фактот што пратениците веќе добиле зголемување на платите од 79 проценти, а можно е тие дополнително да се зголемат за уште 21,8 проценти, доколку Уставниот суд ја укине владината уредба и се земе предвид растот на просечната плата во 2025 година.
„Најмалку 250 евра повеќе за пратениците, а ни 25 евра за работниците – тоа е срамно“, порачуваат од ССМ, додавајќи дека пратениците уживаат бројни бенефиции, како евтино собраниско бифе и платени патни трошоци, права кои, според синдикатот, не им се обезбедени на работниците во приватниот и јавниот сектор.
ССМ најавува дека преку блокадата ќе ги оневозможи пратениците тој ден да наплатат патни трошоци кои, како што велат, во некои случаи надминуваат и 100 евра дневно. „Нека дојдат пешки или со градски превоз, исто како што одат на работа работниците“, наведуваат од синдикатот.
Од ССМ ги повикуваат пратениците итно да гласаат за зголемување на минималната плата, за раст на сите останати плати, но и за намалување на функционерските плати, согласно нивната иницијатива. Доколку тоа не се случи, синдикатот најавува почеток на собирање 10.000 потписи со цел законски да се намалат платите на функционерите, а да се зголемат работничките плати.
„Ќе мораат да изберат – дали ќе гласаат за себе или за работниците кои им го дале мандатот“, порачуваат од ССМ.
За време на протестот ќе биде обезбедено непречено движење за Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата. Од ССМ им се извинуваат на граѓаните за можните непријатности и нагласуваат дека секој итен случај ќе биде навремено пропуштен.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

